1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шрамајер: Законот за децентрализација треба да се повлече

26 октомври 2004

Интервју на уредникот на македонската програма Нада Штрајнман со поранешниот германски амбасадор во Македонија, Клаус Шрамајер

https://p.dw.com/p/AcKM

-Господине Шрамајер вие неколку години бевте амбасадор на Република Германија во Македонија и ги познавате состојбите. Како можеше воопшто да се случи по Охридскиот договор да се создаде ситуација во која се бара одржување на референдум?

-Веројатно тоа е резултат на тоа што Охридскиот договор остави некои работи нерегулирани. Но пред се поради тоа што она што сега е содржано во законите за општините , според мое мислење нема подлога во охридскиот договор. Она што недостасува во Охрдискиот договор е било каков механизам за интеграција .Се што со договорот е регулирано преставува оградување и продлабочување на поделбата, на јазот, на самогетоизирањето и на гетоизирање од страна на другите , што го регистрираме во Македонија со децении. Тоа не е запрено со Охридскиот договор. Негова голема заслуга е што ја стопира војната но не е добра база за иднината. Албанците го добија она на што и онака ќе имаа право веќе одамна ако македонското раководство односно Македонците беа далекувиди и ако имаа државници како политичари. Но, постојано се правеа обиди да се заштитат сопствените права и се укажуваше на тоа дека во државата постојат големи права за малцинствата кои меѓутоа не беа спроведувани во пракса. Тоа доведе до воени судири во 2001 . Тоа ќе можеше да се избегне пред се ако и Запад и меѓународната заедница и комесарот за малцинствата беа поактивни. Втората работа е што законот за децентрализација нема никаква подлога во охридскиот договор, туку е плод на уцена на Албанците во однос на Македонците. Али Ахмети во долгите преговори постојано се закануваше со излегување од коалицијата ако неговите барања не бидат акцептирани.Во Охридскиот договор меѓутоа нема ниту збор за тоа дека Струга треба да има албанско мнозинство, а со тоа и да добие албанска управа ниту пак дека Кичево треба да добие албанска управа.Не стои ниту збор за тоа дека Скопје треба да стане двојазично, иако тоа би било разумно. Значи решението е плод на вообичаената албанска таканаречена, салама тактика, да бараат се повеќе и повеќе, значи повеќе од она што им следува.И иако јас им посакувам на Албанците да ги остварат правата од Охридскиот договор сепак одвај можам да сфатам дека ова што сега го изнудија е во насока на разумен долготраен и мирен соживот со Македонците. Во тоа е проблемот и затоа јас се залагам за договор, законот да биде поништен и да помине референдумот со што законот ќе се прогласи за неважечки и да се изнајде ново решение. Свесен сум дека тоа може да донесе тешкотии за Македонија затоа што веројатно владата ќе мора да поднесе оставка и да се одржат нови избори бидејки ќе нема мнозинство. Пред се ќе се наметне прашањето со која албанска партија ке оди во коалиција победничката на македонските партии.Партијата на Груевски веројатно нема веке да оди во коалиција со ДПА, ниту пак со ДУИ . А, албанските партии, ако ги загубат правата од законот за децентрализација исто така нема да бидат многу наклонети да учествуваат во новата влада. Целата работа преставува некој вид ќорсокак и поради тоа е неопходно Брисел, но и САД да се ангажираат повеќе и работите да ги доведат во ред. Но, исто така е важно да се создадат механизми за интеграција и заедништво. Ако државата сака да влезе во ЕУ вака веке не оди.

-Во што ги гледате грешките на влијателните од надвор при имплементацијата на Охриодскиот договор?

- Охридскиот договор секако е добар, но е договор кој ги разделува уште повеќе скараните петли и не води кон тоа да соработуваат, заедно да живеат, да склучуваат меѓу себе бракови . Таму каде има повеќе Македонци си одат Албанците, а каде што има повеке Албанци, Македонците се повеке и повеке во вистинска смисла на зборот се избркани .Тоа води до фактичка поделба. Единствената надеж што јас ја имам е Албанците конечно да станат толку разумни и да сфатат дека само во рамките на една Македонија која функционира можат да влезат во ЕУ, и дека алтернативата за голема Албанија и Косово не е разумна алтернатива. Јас верувам дека Албанците сакаат да останат во Макеоднија, но сепак треба да не ги брануваат работите и Македонците да не ги туркаат во бездна . Морам да кажам и пофални зборови дека Македонија во минатото секогаш беше разумна и умерена земја и изнаоѓаше секогаш разумни компромиси.

-Дали Американците направиле грешки од тоа што недоволно ја познаваат балканската историја и каков притисок вршат врз македонската страна ?

-Проблемот е во тоа што на Американците им беше потребна УЧК за да го ослободат Косово. На тој начин се создаде неславна алијанса, но не верувам дека Американците се толку многу слепи и еднострано го ставаат влогот на албанската карта. Албанците веруваат во тоа и се повеќе се надеваат на Американците одошто на ЕУ. Но, тоа е илузија. Американците не се толку глупави. А, токму глупостите на Албанците се она што би требало да ги замисли Американците .