1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер бара преориентација кон обновливи извори на енергија

3 јуни 2004

Германскиот канцелар Герхард Шредер во денешниот настап на Светската конференција за обновливи енергии во Бон побара глобален пресврт кон позасилено користење на алтернативни постапки за добивање енергија.

https://p.dw.com/p/AcNC
На конференцијата во Бон: Шредер со министрите Вичорек-Цојл и Тритин
На конференцијата во Бон: Шредер со министрите Вичорек-Цојл и ТритинФотографија: AP

“Временскиот момент за одржување на конференцијава можеби е случајно одбран, но е токму вистинскиот. Вистински, зашто актуелниот развој ни укажува на неопходноста за постигнување цврст договор за преориентација во глобалната енергетска политика” – рече канцеларот во говорот пред учесниците на конференцијата во Бон. Преориентацијата, според Шредер, е неопходна и од безбедносно-политички аспект, бидејќи зависноста на светската економија од нафтата му оди на рака на тероризмот. Покрај тоа, зависноста од суровата нафта го спречува сузбивањето на гладот и сиромаштијата во земјите во развој. И високите цени на нафтата покажуваат дека се нужни конкретни договори за добивање струја од енргијата на сонцето, ветрот или водата, рече германскиот канцелар.

Претходно британскиот премиер Тони Блер во настап преку видео-врска најави дека има намера политиката спрема климата да ја направи едно од тежиштата во рамките на групата на осумте најважни индустриски нации на светот Г8.

Со разговори на министерско ниво конференцијата во Бон влегува во завршна фаза. Се очекува резултат од неа да биде акциона програма со изразена јасна обврска за поддршка на користењето обновливи енергии за добивање електрична струја во целиот свет. На маргините на конференцијата директорот на еколошката програма на Обединетите нации Клаус Тепфер изјави дека конференцијата треба да усвои конкретни мерки, како и да обезбеди партнерства меѓу оделни региони и држави.