1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер во Кина: стопанска соработка и “црвен телефон“ меѓу Берлин и Пекинг

5 декември 2004

Германскиот канцелар Герхард Шредер од понеделник е во петдневна посета на Кина и Јапонија, двата најважни стопански партнери на земјата на Далечниот исток.

https://p.dw.com/p/AcJI
Канцеларот Шредер во Бундестагот
Канцеларот Шредер во БундестаготФотографија: AP

Затоа со него патува и голема стопанска делегација, а според очекувањата канцеларот ќе потпише договори во вредност од повеќе милијарди евра.

Деталите околу овие договори се уште се чуваат во тајност, но доколку се биде во ред, тогаш Кина од германските концерни ќе нарача не само супер-модерни возови, туку и повеќе од 20 ербас авиони. Впрочем, двајцата министри за финансии на неодамнешната средба потврдија дека сакаат да го удвојат обемот на трговска размена во наредните 5 години:

“Ние често се среќаваме и водиме отворен дијалог, што води не само кон подбро меѓусебно разбирање, туку и конкретни резултати на стопански и трговски план. Сметам дека волуменот на трговска размена меѓу Кина и Германија годинава ќе ја мине границата од 50 милијарди долари, а оптимист сум и во поглед на целта да ја удбоиме размената до 2010-та“ - порача кинескиот министр Ѓин Ренкинг.

Дека германско-кинеските односи се во подем, меѓутоа, покажува не само силната стопанска соработка, туку и одделни политички пикантерии. Така спротивно на сите обичаи во Кина, на високиот гостин од Берлин ќе му биде удоволено на желбата да се сретне и со поранешниот премиер Жу Ронгѓи, кој беше симнат од политичката сцена. Ова ќе биде негова прва јавна средба.

Секако дека има и деликатни теми, како на пример барањето на раководството од Пекинг за симнување на ембаргото се оружје на ЕУ. На Шредер не му појде од рака да ги увери во таквиот потег ни своите коалициони партнер во Берлин, а камоли сите членки на ЕУ. Тие и понатаму бараат како услов подобрување на состојбата со човековите права во Кина. Кинескиот премиер Вен меѓутоа знае дека од Шредер може да очекува натамошна поддршка во таа насока, а канцеларот пак се надева на кинеска поддршка за местото на постојана членка во Советот за безбедност на ОН. Конечно, блискоста ја потврдува и фактот што Пекинг и Берлин отвораат црвен телефон за договори во случај на криза. Такви линии водат од Пекинг само уште кон Москва, Лондон и Вашингтон.