1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер во Русија на чело на стопанска делегација

8 јули 2004
https://p.dw.com/p/AeQo
Фотографија: AP

Германскиот канцелар Герхард Шредер денеска патува за Русија на чело на 15-члена стопанска делегација. Во неа се и топ менаџери на фирмите што се веќе застапени на големиот руски пазар, како Сименс, Дајмлер Крајслер или на трговскиот синџир Метро. Сите тие се задоволни од учеството во порасот на руското стопанство, но исто така не се до крај задоволни од правната сигурност за нивните инвестиции, со оглед на најновата афера околу рускиоот нафтен концерн Јукос, кој потпадна под принудна управа поради наводните даночни долгови.

Страшниот хаос во руското стопанство по финансискиот крах во 1998-та не остави подлабоки траги. Тоа бележи стапки на пораст од 6 до 8% годишно, со што стана посебно привлечно за германските претпријатија од полето на конзумот. За таквиот поволен развој зборува и зголемиот обем на меѓусебна трговска размена, кој во минатата година се искачи на цели 25 милијарди евра.

Еден од најголемите вложувачи во Русија е концернот Метро, кој нуди голем дел од она што 130-те милиони потрошувачи во Русија го бараат. Метро е застапен на рускиот пазар уште од 2001-та година, а шефот на коцернот Ханс Јоаким Кербер се наоѓа и во стопанската делегација што го придружува канцеларот на денешната посета на Москва. Овој синџир на супермаркети во меѓувреме има отворено 5 филијали во Москва и две во Санкт Петерсбург. Иако инвестициите во висина од по 15 милиони евра за еден супермаркет се уште не се вратија, Метро има намера да инвестира понатаму во Русија и да изгради уште 15 маркети, особено во големите градови по должината на реката Волга. Ваквите инвестиции на германскиот концерн и одат во прилог и на руската страна, бидејќи Метро вработува голем број локални работници, а и 90% од сите понудени производи се од руско потекло. Затоа концернот од Дизелдорф ужива голем углед и кај локалните власти во Русија, а портпаролот Јирген Хомајер како пример го спомнува градоначалникот на Москва, кој многу помогнал за доаѓањето на Метро на рускиот пазар.

Сето ова звучи како навистина идеални услови за големите германски претпријатија. Портпаролот на Метро, Хомајер сепак предупредува дека е неопходно добро да се проучи рускиот пазар, пред да се инвестира, бидејќи тој носи со себе и одредени ризици. Затоа за средните и помалите претпријатија тој препорачува прво консултации со Германската индустриска и трговска комора, која може да им помогне во проценката. Експертот на Комората за руски прилики, Петер Презбер, особено предупредува мна големите разлики меѓу германската и руската бирократија, како и на проблемот на корупцијата. Тој сепак нагласува дека Русите напредуваат и на овие полиња. Во последните пет – шест години донесени се бројни закони на ова поле, а и воопшто рамнковните услови за странските инвеститори се подобрени. Германската Индустриска и трговска комора во секој случај оценува дека станува збор за погоден период за вложување во Русија.