1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер на разговори кај Јункер: готовност за компромис за финансискиот план на ЕУ

3 јуни 2005

Прашањето што ги преокупира сите политичари од ЕУ по двата референдума на кои беше отфрлен европскиот устав е: како понатаму? Луксембуршикот премиер Жан-Клод Јункер како претседавач со Советот на Унијата се труди да изнајде заедничка линија, бидејќи предлозите што се слушаат одат во различни насоки. Вчера попладнето, на разговор во четири очи, нему гостин му беше германскиот канцелар Герхард Шредер.

https://p.dw.com/p/AcF0
Шредер и Јункер
Шредер и ЈункерФотографија: AP

За да се демонстрира способност за дејствување, мора итно да биде постигната согласност по прашањето на идните финансиски рамки на Унијата, смета Јункер. На самитот по неполни две недели треба да биде постигнат компромис, што досега се сметаше за исклучено, зашто Германија и пет други земји кои повеќе пари внесуваат, отколку што повратно примаат од Унијата, опстојуваат на позицијата дека европскиот буџет во никој случај не смее да биде поголем од 1 процент од севкупното остварување на европската економија. По разговорот, канцеларот изелезе пред печатот со изненадување: „Националните егоизми не смеат токму сега да стојат во преден план. Германија е подготвена да даде придонес во рамките на своите материјални можности. Тоа токму му го кажав на претседавачот со Советот, но, се разбира, тоа го очекуваме и од другите земји“.

Во Луксембург се вели дека Јункер презентирал нов предлог, кој би можел да биде прифатлив и за оние кои повеќе уплатуват, како и за оние кои повеќе користат од средствата на Унијата. Со тоа уште не би бил спасен Уставот, па Јункер и натаму води поединечни разговори со своите колеги за изнаоѓање заеднички возен ред за натамошниот процес на ратификација на Уставот на ЕУ. Во тоа доби поддршка од канцеларот Шредер, кој ја искористи шансата и за домашна предизборна кампања: „Има две можности за реакција: едната е да се искористат настанатите потешкотии за да се уништи величествената идеја за европското обединување, а јас, за жал, гледам такви тенденции кај германската опозиција; втората можност – а тоа е и моја позиција – е токму сега да се одржи величествената идеја и да се излезе на крај со тешкотиите“.

Прекорите на сметка на опозицијата се насочени против барањето од ЦДУ и ЦСУ повторно да се стави под прашање почетокот на преговорите за прием на Турција во Унијата. Но, во Брисел се слушаат такви барања и од други. Дури и она што во неделата, по референдумот во Франција, беше прогласувано за исклучено – нови преговори за поедини делови од договорот со Турција – во меѓувреме се смета за замисливо, велат од Комисијата на Унијата. Најчесто спомнуваната варијанта, сепак, е на самитот да биде донесено решение за тајм-аут за да се поразмисли и за продолжување на рокот за ратификација на Уставот до есента 2007-ма година. Со тоа е поврзана надежта дека во меѓувреме Французите и Холанѓаните би можеле уште еднаш да бидат повикани на референдум.