1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнбрик заработил повеќе од милион евра на држење говори

КО/дв30 октомври 2012

По притисокот врз Пер Штајнбрик, социјалдемократскиот противник на Ангела Меркел на наредните избори, да открие колку заработил од „дополнителна дејност“, тој денеска обелодени - повеќе од 1.25 милиони евра!

https://p.dw.com/p/16Zbq
Фотографија: Reuters

Високиот износ што Пер Штајнбрик го заработил од 2009-тата е изненадување и жешка тема за дебата во германските медиуми. Откако поранешниот министер за финансии минатиот месец беше именуван како социјалдемократски противкандидат на канцеларката Меркел за следните избори, членовите на конзервативната партија неколку пати го нападнаа заради неговите бројни обврски надвор од парламентот, повикувајќи го да ги открие сите негови заработки.

Критичарите на Штајнбрик сметаат дека неговите активности надвор од парламентот го приближиле премногу до бизнис и банкарските интересни групи, кои неговата партија - СПД, сака да ги регулира поригорозно доколку тие дојдат на власт следната година.

Сумата од 1.25 милиони евра која тој ја објави денеска (30.10), потекнува од држење говори на 89 банкарски и бизнис состаноци од 2009-тата година наваму, и се додаток на неговата плата како член на парламентот, која изнесува повеќе од 7.500 евра месечно.

Критики пристигнаа и од одделни членови на Социјалдемократската партија на Штајнбрик, чие членство во голема мера потекнува од ниско платениот сектор.

PK Steinbrück zu Nebeneinkommen
Штајнбрик денеска обелодени колку заработилФотографија: picture-alliance/dpa

„Се разбира дека толку висока сума ќе предизвика скептицизам во нашата партија,“ изјави за весникот Велт, Ралф Штегнер, член на раководството на СПД.

Најголем заработувач во парламентот

Весникот „Билд“ денеска објави детали, откривајќи дека најголемата заработка од само еден говор одржан пред бизнис публика изнесувала 25 илјади евра.

Податоците покажуваат дека Штајнбрик исто така бесплатно одржал 237 говори во училишта и хуманитарни организации, а исто така неколку пати договорил и повеќе индустриски лоби групации да ги донираат парите во хуманитарни цели, наместо да му платат.

Штајнбрик во моментов најмногу заработува во германскиот парламент, Бундестагот, додека останатите топ-заработувачи се членови на конзервативната партија на Меркел. Досега тие ги блокираа сите потези за поголема транспарентност околу нивните приходи. Според законските обврски, парламентарците мораат да ги откријат нивните приходи, но не мора да откријат детали како точната сума.

Штајнбрик се надева дека ќе ја симне Ангела Меркел од власт следниот септември и има намера да коалицира со Партијата на зелените. Според последните истражувања на јавното мислење, шансите за негов успех се мали.