1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмаер бара од Сирија да влијае за смирување на ситуацијата во Либан

4 декември 2006

Сирија, пак, бара од Германија да преземе централна улога во барањето решение за блискоисточниот конфликт.

https://p.dw.com/p/AdvJ
Штајнмаер и Муалем
Штајнмаер и МуалемФотографија: AP

Сирија не се меша во внатрешните работи на Либан, ги признава неговиот суверенитет и независност. “Безбедноста и стабилноста на Либан се и безбедност и стабилност на Сирија” – уверуваше сирискиот министер за надворешни работи Валид ал-Муалем по средбата со гостинот од Германија, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер. Во принцип ништо не му стои на патот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, но за да дојде до тоа, во Либан мора да владее “пригодна, братска атмосфера”, рече ал-Муалем.

Штајнмаер, кој имаше двочасовен разговор и со сирискиот претседател Башар ел-Асад, според наводи од кругови на неговата делегација, ја повикал сириската влада да го искористи влијанието врз Хезболах и да врши притисок за ставање крај на масовните демонстрации, со кои радикално-шиитската милиција сега сака да ја собори либанската влада.

Сирија бара од Германија, како иден претседавач со ЕУ, истовремено и со групата на најразвиените индустриски земји и Русија Г8, да изврши решавачко влијание врз посредничките напори за блискоисточно мировно решение. Владата во Берлин, според сирискиот министер Валид ал-Муалем, мора да ја искористи шансата која во моментов, по војната во Либан, постои за заживување на мировниот процес.

Штајнмаер, пак, побарал од Сирија да игра поконструктивна улога во интерес на еден сигурен мир и поголема стабилност на Блискиот исток. “Регионот се наоѓа во тешка преодна фаза и е се’ друго, освен стабилен”, рече Штајнмаер по разговорите во сирискиот главен град. Тој ја означи Сирија како “важен актер” во регионот. Штајнмаер со Асад разговарал и за палестинско-израелскиот конфликт барајќи од Сирија да влијае кај Хамас, чиј политички лидер Калед Машаал живее во бегалство во Дамаск, за евентуалните израелско-палестински преговори да водат кон успех. “Постои кревок знак на надеж”, рече германскиот министер.

Со престојот и разговорите во Бејрут тој ја заврши петдневната посета на Блискиот Исток, при што водеше разговори во Јордан, потоа со Палестинците, како и во Израел и во Либан.