1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмаер на Блиски исток

6 мај 2007

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер ги повика Израелците и Палестинците да ја искористат шансата за мир во регионот. Тој денеска е во Израел, но на неговата агенда не стојат политички разговори со израелското раководство. Сепак, политиката не е сосема оставена настрана.

https://p.dw.com/p/AdrU
Штајнмаер и Абас
Штајнмаер и АбасФотографија: AP

Шефот на германската дипломатија на северот на Израел се информира околу ситуацијата со Голанската висорамнина - главната спорна точка во односите меѓу Израел и Сирија, која инсистира висорамнината што Израел ја окупираше во 1967, да и‘ биде вратена.

Франк Валтер Штајнмаер во Израел доаѓа од палестинските автономни територии. По средбата со палестинскиот претседател, Махмуд Абас во Рамала, министерот Штајнмаер изјави дека ЕУ бара начини да ја прошири својата финансиска помош за Палестинците, која сега е ограничена само на хуманитарна помош:

“Има знаци за тоа дека ќе најдеме средства и начини за да ја промениме финансиската помош така да таа не се употребува само за непосредна борба против сиромаштијата, туку и за економски развој, кој е неопходен.“

Европската комисија, околу финансиската помош која би се употребила за економска поддршка и плати во јавната администрација, преговара со палестинскиот министер за финансии, Салам Фајад. ЕУ во 2006 година на палестинските власти им ставила на располагање 700 милиони евра помош, пред се за хуманитарни цели. Според Штајнмаер, сега Палестинците таква великодушност очекуваат и од арапските држави, кои минатата година испратиле помош во износ од 360 милиони евра.

Германскиот министер за надворешни работи во Рамала изјави и дека палестинскиот претседател, Абас, е заинтересиран за продолжување на разговорите со израелскиот премиер, Ехуд Олмерт. Штајнмаер ја истакна арапската мировна иницијатива од 2002 година, која предвидува признавање на Израел од страна на арапските земји во замена за повлекување од окупираните територии, и рече дека е задоволен од фактот што Арапската лига испраќа претставници од Египет и Јордан за да бара директни разговори на оваа тема со Израел. Министерски комитет на лигата на 14 мај во Брисел ќе бара поддршка за иницијативата на седницата на шефовите на дипломатии на ЕУ.