1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер гледа можности за постигнување примирје

10 август 2006

Разговорите со шефот на израелската влада Ехуд Олмерт, германскиот прв дипломат Франк Валтер Штајнмајер во интервју за втората програма на германската ТВ ги оцени на следниот начин:

https://p.dw.com/p/Adyn
Франк Валтер Штајнмајер со израелскиот премиер Ехуд Олмерт
Франк Валтер Штајнмајер со израелскиот премиер Ехуд ОлмертФотографија: AP

„Една од главните теми беше секако ситуацијата на хуманитарен план, каква што е моментално во јужен Либан и во северен Израел. Со една реченица, таа останува и понатаму крајно загрижувачка. Има стотици илјади бегалци на либанска страна, но и стотици илјади на израелска страна, кои мораа да го напуштат северниот дел на нивната земја. Има и преку илјада жртви меѓу цивилното население на обете страни, се‘ заедно. Мислам дека сето тоа јасно покажува оти сега оружјето мора да замолчи.„

Што се однесува до шансите за постигнување примирје во рамките на дипломатските напори, Франк Валтер Штајнмајер посочи:

„И во јавноста, како и во разговорите со премиерот, со министерката за надворешни работи и со министерот за одбрана посочив дека постои отворен прозорец и дека шансите не смеат да бидат затрупани. Израелската влада ми соопшти по седницата на кабинетот дека останува нејзин интерес да дојдеме до резолуција во Њујорк, која ќе води кон она што сите го сакаме, а тоа е окончување на борбите.„

Околу улогата што Германија може да ја одигра во рамки на меѓународните напори за надминување на конфликтот, шефот на дипломатијата во изјавата за Втората програма на германската ТВ рече:

„Овде јасно ставив на знаење дека нашиот придонес ќе биде да помогнеме во напорите во Советот за безбедност за постигнување решение што ќе овозможи прекин на борбените дејства. На таа резолуција работат членовите на Советот и гледам дека има напредок во таа насока дури и во овие тешки денови. Погледнете ја одлуката на либанската влада да испрати 15.000 војници на југот од земјата, тоа е навистина повеќе од јасен сигнал. Тоа е придонес во исполнувањето на барањето што ние од секогаш и‘ го поставувавме на либанската влада. Кога велам ние, тогаш мислам и на израелската влада, бидејќи нашето барање е либанската влада да го прошири авторитетот и монополот врз примена на сила и на југот од Либан. Со оваа одлука на владата во Бејрут се чини дека се создадени предусловите за тоа!„

Конечно, на прашањето дали испраќањето либански војници на југот е во интерес и на Хизболах милицијата, Франк Валтер Штајнмајер оцени:

„Дали Хизболах има интерес за тоа, можам само да просудам врз основа на она што ми го рече премиерот на Либан, имено дека тоа не е само негова одлука, ниту одлука на делови од неговиот владин кабинет, туку дека во нејзиното донесување учествувале и министрите од неговата влада кои му припаѓаат на Хизболах. Дотолку сметам дека ќе бидат преземени сите напори за ова да не биде само политичка одлука, туку таа да биде и фактички спроведена во јужниот дел на Либан„ – нагласи германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во изјавата за втората програма на германската ТВ.