1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Штедливите“ контра Меркел и Макрон

СН/агенции
23 мај 2020

Австрија, Шведска, Данска и Холандија излегоа со контра-предлог на оној на Германија и Франција за економската обнова во ЕУ по корона-кризата. Италија веднаш го отфрли предлогот на четирите „штедливи“ членки.

https://p.dw.com/p/3cfh8
Belgien Brüssel Statue "Europa" vor Europaparlament
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Четирите европски земји го претставија својот план за помош во Европска унија наменет за надминување на кризата од пандемијата на коронавирусот, наведувајќи дека го отфрлаат секој механизам за здружување на силите за решавање на европскиот долг.

Холандија, Австрија, Данска и Шведска сакаат итна помош за најзагрозените земји и тоа во вид на краткорочни заеми по поволни услови за време на наредните две години, се наведува во предлог планот за помош кој го пренесува канцеларијата на австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Позајмените пари треба да се наменат за активности кои ќе допринесат за економско опоравување, како што се зајакнување на здравствениот сектор, вложување во иновации и еколошка транзиција.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, и германската канцеларка, Ангела Меркел, во понеделникот предложија план од 500 милијарди евра за опоравување на економиите загрозени од пандемијата на коронавиросот, преку механизми на здружување на силите за решавање на европскиот долг.

Повеќе:

-Историски договор на Меркел и Макрон за рестарт на економиите на ЕУ

-Значи сепак - напред со корона-обврзници!

-ЕУ против корона-кризата: Фонд за обнова да, еврообврзници не

Меѓутоа, четирите земји не се согласуваат со здружување на европскиот долг бидејќи сметаат дека најмалку дисциплинираните земји во економски поглед како и најслабите држави би можеле да имаат полза благодарение на поголемото финансирање од богатите земји.

Berlon | Videokonferenz Emmanuel Macron und Angela Merkel
Фотографија: Reuters/K. Nietfeld

Наместо тоа, тие предлагаат опсежни реформи и почитување на поставената буџетска рамка. Овие 4 земји се залагаат и за заштита на трошоците од малверзации наведувајќи дека во тој процес би биле вклучени европски обинители и оние кои се задолжени за борба против корупција.

Италија веднаш го отфрли како „несоодветен“ контра-предлогот на Австрија, Шведска, Данска и Холандија за економската обнова по корона-кризата. Тешката рецесија изискува  „амбициозни и иновативни предлози“ затоа што внатрешниот пазар со своите придобивки за сите Европејци е во опасност, објави на Твитер, италијанскиот министер за Европа, Енцо Амандола. 

Документот на „штедливите“ земји е дефанзивен и несоодветен“, напиша Амандола. Според него Европската комисија мора да покаже „поголема храброст“ за време на својата дискусија на 27 мај.