1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штип ја крои германската мода

Томас Франке9 март 2009

Најголемиот дел од облеката во Германија доаѓа од земји каде работната сила е поевтина. Mеѓу нив е и Македонија. Повеќе од половината од извозот на текстил оди за Германија, на пример за модниот бренд „ЦиА“.

https://p.dw.com/p/H788
Текстилната индустрија го „држи“ ШтипФотографија: Elizaveta Gorchakova

Просечниот Европеец за облека троши околу 700 евра годишно. Сепак, има големи разлики меѓу земјите. На пример, Италијанците даваат и по илјада евра годишно за облека, Полјаците, пак, само сто. Само во многу ретки случаи облеката е од домашно производство.

Најголемиот дел од облеката што може да се купи во Германија доаѓа од земји каде работната сила е поевтина, отколку во ЕУ. Тука не спаѓа само Кина или другите земји од Истокот. Многу модни брендови сакаат производите да им бидат доставени во што е можно пократок рок. А токму тука е предноста на земјите, кои се блиску до границите на ЕУ, како Молдавија, Украина или Македонија. Извозот на текстил претставува скоро три четвртини од извозот на Македонија. Повеќе од половината од тоа оди за Германија, на пример за модниот бренд „ЦиА“. Најголемиот дел од македонските текстилни фабрики се наоѓаат во Штип. Таму има околу седумдесетина мали и средни претпријатија за шиење, перење и логистичка поддршка. Во Штип претставништва имаат и неколку германски фирми.

Предноста на Македонија е брзата испорака

Sommerschlussverkauf in Deutschland
За цените да бидат ниски, мора и производството да биде евтино - „ЦиА“Фотографија: AP

Славица Ристова работи во една текстилна фабрика во Штип. Нејзината задача е шиење блузи, или поконкретно, таа ги шие ракавите. Иако е претпладне, покрај нејзината машина за шиење веќе има цел куп готови блузи. Тие се наменети за германскиот пазар: „Утрово сошив околу педесет парчиња. Тоа не е многу“, вели Славица.

Уште во времето на Југославија, Штип важеше за упориште на текстилната индустрија. Денес фабриките произведуваат скоро единствено за европскиот пазар. Предноста на Македонија е тоа што може да овозможи брза испорака на готовата стока. А за германските компании, како „ЦиА“, тоа е од особено големо значење. Скоро секаде во светот се работи на норма, исто и во Штип. Ванчо Богдов е сопственик на една од фабриките. Тој смета дека без норма, нема продуктивност: „Ако шивачките шијат без норма, тогаш нема да бидат толку вредни. Секоја од нив мора да знае, колку парчиња треба да сошие“, додава Богдов.

Од производство до транспорт

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Работничките во македонските фабрики работат под нормаФотографија: Nikos Pilos

Притисокот се` повеќе се зголемува, бидејќи цените на облеката паѓаат. Во рамките на ЕУ најголем пад на цената на облека се забележува во Велика Британија. Меѓу 1999 и 2007 година, цената таму паднала скоро на половина, како што соопштува европската организација за текстил и облека, Еуратекс. Големите модни синџири, стоковните куќи и дисконтите станаа се` позначаен фактор во определувањето на цената. Тие купуваат огромни количества облека во странство и на тој начин ја симнуваат цената.

Но, претпријатијата во ЕУ не бараат само некој што ќе им шие. Штипјани ја преземаат и логистичката поддршка. Трајан Ангелов е раководител на една ваква фирма за логистика. Неговото претпријатие е во близина на фабриката на Богдов. Спакувани во најлони, текстилните производи чекаат да бидат транспортирани во Германија, во фирмата „ЦиА“.„За муштеријата е важно да добие добар квалитет за ниска цена“, вели Ангелов и додава: „Ние најпрвин во Македонија увезуваме текстил од различни земји - Турција, Шпанија, Индија, Кина, а потоа тој се преработува во фабриките. Готовите производи оттаму се пренесуваат во нашиот центар за логистика, каде се прави сортирање, лепење етикети и слично и на крај, готовиот производ го транспортираме до Германија“, објаснува Ангелов.

Облека за една сезона

Street Style Blogger
Денешната мода секако не трае повеќе од една сезонаФотографија: Craig Arend/altamira

Побрзо, поевтино и, ако е можно, да не мора сами да го сносат ризикот наречен логистика - ова е трендот по кој се развива европската модна индустрија. А кога еден моден тренд ќе заврши, може преку ноќ да се нарача нова линија, на пример, во Штип. Во денешно време облеката и онака не се прави за да можат да ја носат повеќе генерации. Многу често се случува некое парче облека да се заборави, откако ќе му помине сезоната. Само во Германија, секоја година околу седумстотини илјади тони облека завршуваат - во контејнер.