1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е тоа „балканска музика“?

Рајна Бројер/Б. Георгиевски24 ноември 2012

Веќе низа години „балканската“ музика е присутна низ клубовите и сцените во западните земји. Но, што всушност се крие зад овој термин, кој на жителите на Балканот не им значи многу?

https://p.dw.com/p/16oli
Фотографија: Getty Images

Balkan beats. Така во Германија гласи волшебната формула кога се работи за тоа да се привлече публика (воглавно урбана) желна за егзотични, но пред се танцовни ритми. Формулата на успехот гласи: ред „лимени“ инструменти, ред луди ритми. Во поголемите урбани центри како Берлин или Келн редовно се одржуваат забави со предзнакот „Балкан“, а некои основоположници на овој бренд како берлинскиот ДиЏеј Роберт Шоко, својот балкански бренд веќе го извезуваат и на други континенти. Но, од каде всушност потекнува „balkan sound"?

Чија е таа песна?

Бугарската режисерка Адела Пеева одговорот на ова прашање веќе се обиде да го даде преку својот документарен филм „Чија е таа песна“ во 2003-та? За да се зафати со оваа неблагодарна задача ја убедил еден настан стар десетина години кога заедно со уште неколкумина колеги од регионот вечерала во еден ресторан во Истанбул.

Kroatien Danko Rabrenovic
Данко РабреновиќФотографија: privat

„Таму свиреше еден бенд кој во еден момент исполни една песна која ја знаев уште од детството“, вели Пеева. Но, и останатите на масата почнале да ја пеат истата песна, и сите од ред тврделе дека песната е всушност од нивниот крај. Одговорот на прашањето: кому му припаѓа таа песна? не го даде ни нејзиниот истоимен филм, бидејќи, како што вели таа, секој има своја верзија на вистината. Бугарската режисерка смета дека објаснувањето на овој феномен треба да се бара во идентитетот на жителите на Балканот.

„Ние овде тежнееме кон тоа да го негираме нашиот заеднички идентитет“, вели Пеева.

Слична теза застапува и Данко Рабреновиќ, новинар и музичар од Диселдорф. „Жителите на Балканот страдаат од комплексот според кој по секоја цена мора да се разликуваат од своите соседи“, вели тој.

„Ние имаме повеќе заеднички нешта отколку разлики, но нациите во регионот, за жал, се обидуваат да ја потврдат својата историја со тоа што ги нагласуваат разликите“, вели Рабреновиќ. Така е и со музиката.

Goran Bregovic Konzert in Köln
Горан Бреговиќ често се поистоветува со терминот „балканска музика“Фотографија: DW

Исто е, ама не е исто!

По војните од 1990-те години беше општествено неприфатливо да се слуша музика од соседните држави. Неполни 20 години подоцна состојбата е целосно поинаква. Турбо-фолкот, на пример, денес се слуша од Вардар па до Триглав, иако заедничкиот музички вкус не се сведува само на тоа.

„Денес бендови од Босна свират по Србија, српски во Хрватска, итн. Исто така постојат и голем број млади музичари кои се поврзани низ регионот“, тврди Рабреновиќ.

Но и покрај тоа, на музичарите и на познавачите на музиката од тој дел на Европа, поимот „балканска музика“ воопшто не им се допаѓа.

„Регионот на кој се однесува овој поим е сепак преголем и далеку поразновиден за да може да се смести под заеднички именител“, вели Рабреновиќ.

На западот под „балканска музика“ најчесто се поврзува музиката која ја промовираат Горан Бреговиќ и разни „лимени“ оркестри како Кочани Оркестра, Бобан и Марко Марковиќ Оркестар и сл. И Мишо Петровиќ од успешниот проект на „светска музика“ „Мостар Севдах реунион“ се дистанцира од поимот „балканска музика“.

„Тоа е голема вреќа во која се фрлаат многу нешта кои всушност припаѓаат под жанрот етно-музика“, вели Петровиќ.