1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значат пораките на Ештон?

Костадин Делимитов17 април 2013

Македонија да продолжи со имплементација на Охридскиот договор и со континуиран и инклузивен политички дијалог и дијалог со медиумите. ЕУ- интеграцијата почнува од дома, порача Кетрин Ештон. Што значат нејзините пораки?

https://p.dw.com/p/18H7D
Фотографија: MIA

ЕУ испорача поддршка за Македонија, но и порака дека се потребни натамошни напори за затворање на внатрешната политичка криза и неодложно решение на спорот со името. Позитивната оценка во извештајот на Европската комисија и пораките што шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон ги испрати во Скопје, дел од експертите ги толкуваат како израз на сериозна поддршка на евроатлантските аспирации на земјата. „Што повеќе може да се бара и очекува од Унијата“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Мирјана Малеска и додава:

„Интеграцијата почнува дома, порача Ештон. Не случајно започнува со исполнување на словото и духот на Охридскиот рамковен договор. Да не се политизираат етничките поделби и да се создаде поинтегрирано општество. Се очекува конструктивен и инклузивен дијалог на власта со новинарите и граѓанските организации, дијалог на власта и опозицијата за исполнување на преземените обврски со договорот од први март. Надминување на партиските разлики и кога станува збор за толку важно прашање како што е спорот со Грција. Тоа нема алтернатива освен решавање преку дијалог и компромис во ОН. Нов политички дух и тон! Накусо, вели таа, вратата ви е отворена, не ја пропуштајте важната прилика заради ситни политички добивки“, коментира Малеска.

Пролетниот извештај што го презентираше Штефан Филе, според универзитетскиот професор Тони Науновски, претставува само анекс на Октомврискиот извештај за прогресот на Македонија, и тоа во однос на трите точки - за добрососедски односи, прашањето за името и пристапниот дијалог на високо ниво. Спомнувањето на интерпартискиот договор за формирање комисија која ќе даде објективен извештај за настаните од 24 декември, според него, е политичка порака упатена подеднакво и до СДСМ и до ВМРО-ДПМНЕ да ги надминат теснопартиските интереси во функција на стабилизирање на демократските процеси:

„Мене ми се симптоматични два дела од изјавата на Кетрин Ештон, дека е подобро сега, отколку подоцна, да се реши спорот за името и повторното нагласување на тоа дека Рамковниот договор мора целосно да се спроведе. Тоа потврдува дека врвните претставници на ЕУ се` уште остануваат на истите принципи на мислење во однос на овие два проблема со кои долги години се соочува РМ без своја, така да се каже, онтолошка вина. Јас тврдам дека се‘ додека дипломатскиот и политички притисок за решавање на билатералниот спор меѓу Грција и Македонија не се концентрира кон Грција, реални шанси за надминување на клучната пречка за Евроатлантските интеграции на РМ, нема. Исто така, нефункционалноста и длабоките проблеми на многу нивоа кои ги генерира рамковниот договор се‘ повеќе предизвикуваат реална потреба од негово делегализирање преку широк општествен дијалог на сите релевантни субјекти“, смета Науновски.   

Catherine Ashton und Niikolga Gruevski in Mazedonien
Фотографија: MIA

Првичниот впечаток од пролетниот извештај е дека Филе си го одржа зборот: извештајот не е ни добар ни лош, коментира професорката Билјана Ванковска. Тоа, според нејзе, остава простор на домашната поларизирана сцена да го толкува или само како добар или само како лош, зависно од визурата. За Ванковска е особено индикативен ставот на Филе кој на новинарско прашање околу прогресот одговори со „да, но...“:

„Тоа значајно ’но’ е клучен збор, бидејќи ги сублимира и пречките кои на патот на евроинтеграциите ги имаме однадвор, ама се‘ повеќе и одвнатре, со отсуство на политичка волја за дијалог и фер и демократска политичка борба. Посетата на Ештон пак, во некоја друга прилика ќе беше оценета како висок успех на нашата дипломатија бидејќи одамна не‘ нема посетено некој на така високо ниво. Но, нејзината функција е специфична, се занимава со горливите прашања на европската безбедносна политика, а ние и Косово сме токму тоа, па затоа повеќе беше дочекана како ’казнена експедиција’ или носител на порака и притисок во врска со името отколку како чест за земјата. Посетата на катарскиот премиер и неговиот прием кај претседателот и премиерот, пак, фрла друга сенка и праќа суптилна порака дека ако не ни оди на една страна, тогаш има алтернативи на друга. Пред нас има едно многу големо ’но’ кое не верувам дека брзо ќе се реши. ЕУ не може да си го дозволи тој луксуз да ги остави без европски компас државите од регионот кои ги зела под еден вид старателство, а и самата си има проблеми. Ова е само држење во кондиција, колку да не застранат елитите премногу“, смета Ванковска. 

Кетрин Ештон во Скопје го повтори ставот дека европерспективата на земјата е реална и остварлива и повика без одложување да се дојде до решение на спорот за името како клуч за влез на земјата во ЕУ. Истоврено таа ја нагласи и потребата од целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор, конструктивен и инклузивен политички дијалог и продолжување на дијалогот со новинарите и граѓанскиот сектор.