1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што и’ е Србија на Република Српска?

Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев16 август 2012

Ако новата српска власт тврди дека Република Српска е држава, тогаш стабилноста на регионот е доведена во прашање, сметаат аналитичарите. Тие предупредуваат дека „државноста на РС е стратешка ориентација на Белград“.

https://p.dw.com/p/15qYi
Фотографија: picture-alliance/dpa/prismaarchivo

Откако претседателот на Народното собрание на Република Србија Небојша Стефановиќ босанскиот ентитет на Република Српска го нарече „држава“, претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко за Дојче веле оценува дека ништо друго и не може да се очекува од Српската напредна партија, чиј член е Стефановиќ.

„Би било непромислено да се очекува дека ’напредните’ од кај Томислав Николиќ го промениле својот однос кон регионот, по освојувањето на власта во Србија“, вели Соња Бисерко. Таа не е изненадена што Стефановиќ и во својство на претседател на собранието тврди дека Република Српска е држава, „бидејќи тоа е стратешка ориентација на Белград“.

Präsidentin des Helsinki Komitees für Menschenrechte in Serbien, Sonja Biserko
Соња БисеркоФотографија: picture-alliance/dpa

„Таа цел е зацртана уште пред војната и на подржавување на Република Српска организирано се работи и по Дејтонскиот договор. Ниту во војната, ниту по неа Република Српска не можеше да опстане без Белград. Таа е производ на Белград и Белград нема да отстапи од неа без силен притисок од меѓународната заедница, кој за жал во моментов го нема“, вели Соња Бисерко.

Лапсус, неискуство или објавување на стратешката цел?

Белградскиот социолог Душан Јањиќ не ја исклучува можноста дека изјавата на Стефановиќ е резултат на „невнимателност и недоволно политичко искуство“.

„Република Српска многу политичари во Србија ја третираат како држава и тоа е концепт со два можни исходи. Според едниот, Република Српска намерно се нарекува држава , за да и’ се одбрани нејзината дејтонска позиција, додека другиот ја подразбира Република Српска како независна држава надвор од БиХ“, вели Јањиќ.

Претседателот на Собранието на Република Србија Небојша Стефановиќ во меѓувреме порача дека неговата изјава не е лапсус, но и дека не треба да се толкува во контекст на рушење на дејтонскиот проект.

„Никој не ја негираше правната и политичката позиција на Република Српска, а државата е спомената во форма на вербално изразување, без да се сака да и’ се даде статус на Република Српска кој таа сега го нема“, рече Стефановиќ.

Неговата „форма на вербално изразување“ во Босна и Херцеговина буди сеќавања на времињата кога, како што вели Душан Јањиќ, „Србија воено и економски отворено ја поддржуваше Република Српска“.

„Ние во БиХ се навикнавме Србија речиси 20 години да ја присвојува Босна или барем православните Босанци, така што не сум изненаден од вербалното изразување на Стефановиќ“, вели за Дојче веле политичкиот аналитичар Властимир Мијовиќ.

Tanja Topic Politikexpertin
Тања ТопиќФотографија: DW

„Тактиката е променета, но не и старите цели на српската стратегија. Добро е што артилеријата мирува, но не мируваат злите јазици на политичарите, што внесува конфузија меѓу луѓето фрустрирани од тешкиот живот. Тоа во еден момент би можело да се претвори во нешто поради што би жалеле многу, бидејќи во минатата војна се покажа дека сите пролеваа море крв“, нагласува Мијовиќ.

Кого го претставува Небојша Стефановиќ?

Политичката аналитичарка Тања Топиќ смета дека Србија никогаш суштински не го промени односот кон БиХ, или поконкретно кон Република Српска, „што има погубни последици“. Таа потсетува дека Република Српска посебно во очи на изборите се нарекува држава. Но, се надева дека мислењето, како она на Стефановиќ, не го одразува ставот на мнозинството.

Аналитичарот на Меѓународната кризна група Среќко Латал предупредува дека „необрнувањето внимание на речникот може да доведе до дополнителни тензии меѓу балканските држави, а во овој случај меѓу БиХ и Србија“, како и дека во постизборна Србија се’ уште не се знае по кој пат би можло да тргне српското општество со новото политичко водство.