1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што мислат Mакедонците за демократијата во нивната земја?

15 септември 2011

Каков е степенот на слобода во Македонија? Оценките на граѓаните се различни и најмногу зависат од нивната политичка определба. Експертите пак сметаат дека граѓаните имаат ниска демократска свест.

https://p.dw.com/p/12ZQW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Meѓународниот ден (15.09.2011) на демократијата е повод оценка за степенот на слобода да дадат најповиканите, граѓаните. Обично тоа го прават меѓународни институции и домашни институти. Политичарите често го злоупотребуваат терминот за сопствени цели, а оние кои научно и пристапуваат на демократијата бараат модел за поголема демократизација на општеството. Крајно исполитизирани, македонските граѓани и во описот на демократијата во земјата поаѓаат од политичко стојлиште. Во последниот извештај „Фридом хаус“ забележа дека демократијата во Македонија назадува.

Квазидемократија или совршен демократски систем?

Како може да назадува нешто што не постои прашуваат најжестоките критичари според кои Македонија полека, но, сигурно тоне во тоталитаризам.

„Кој како ја разбира демократијата, ако демократијата се смета за самоволие, тогаш тоа го имаме. Ова е квазидемократија оти не се потпира на начелата и принципите на демократско уредување“, велат граѓаните. 

Додека некои сметаат дека во Македонија има квазидемократија, други велат дека демократијата во земјата е безмалку совршена.

„Мислам дека е на високо ниво демократијата во овој момент. Има слобода на говор, на се’“.

Граѓаните со ниска демократска свест

Ескпертите кои ги анкетираше Дојче веле го критикваат системот што оневозможува развој на демократските вредности, но, одговорноста ја лоцираат и во ниската демократска свест на граѓаните.

Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики смета дека луѓето во Македонија недоволно ги ползуваат демократските придобивки.

„Ние имаме институционални механизми за остварување на демократските права, за жал немаме свесност за демократија кај обичниот граѓанин и кај организираните групи на цивилно општество, интересни групи, бизнисмени, па дури и медиумите да го искористат тоа право демократски да учествуваат во одлучувањето“, вели Ристеска.

Владимир Мисев од Институтот за демократија смета дека Македонија има воспоставено здрав демократски систем, а од однесувањето на политичките елити зависат нијансите во перцепцијата на граѓаните.

„Во таа насока можеме да дискутираме која политичка елита давала подобар контекст за функционирање на овие компонентни. Ако ја гледаме историски, Македонија е во фазата на втора најдобра демократија, не сме ние демократија од типот на Германија, САД, Норвешка, според мене влегуваме во групата на земји од втор најдобар избор“.

Описот на македонската демократија може да се разликува во голем број нијанси. Секој став се гради врз основа на определено мерило. Голем број граѓани несвесни за правата што им ги  нуди демократскиот модел, оценките ги градат врз основа на актуелниот општествен моментум и нивната политичка определба.

Автрор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска