1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може Европа да очекува од Џо Бајден?

Барбара Везел
20 јануари 2021

Многу нешта ќе бидат подобри со новиот претседател на САД , но нема да биде сè поинаку - се согласуваат многу набљудувачи на трансатлантските односи. И исто така е јасно: Европа мора да стане поактивен партнер.

https://p.dw.com/p/3oAVk
Joe Biden bei Donald Tusk
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Спроти денешната инаугурација на Џо Бајден, очекувањата од новиот американски претседател се големи. Европска унија се движи меѓу надеж дека и односите со Вашингтон и вкупните трансатлантски врски ќе се поправат, и стравот оти Џозеф Бајден, поради внатрешната поделеност во САД, нема да биде во состојба да започне нешто важно во надворешната политика.

„Европа мора да преземе повеќе одговорност. Европа би требало сама да ги дефинира своите вредности и интереси. Секако, не против САД. Би требало да соработуваме“, вели францускиот министер задолжен за Европа, Клемон Бон. Со ова тој и натаму се залага за концептот на стратешка автономија. Бон се надева на трансатланска соработка за заштита на климата, како и во областите на трговијата и на безбедноста. „На партнерството му е потребен нов почеток“, вели Бон, за кого велат дека е близок соработник на претседателот Макрон.

Стратешката автономија не е псовка

Кога Емануел Макрон го лансираше изразот „стратешка автономија“ за односите меѓу ЕУ и САД, изгледаше оти со тоа се издвојува односот меѓу Берлин и Варшава. Сега неговиот министер се обидува да ја објасни содржината.

Zypern Konflikt l  Clement Beaune in Nicosia
Францускиот министер за Европа, Клемон БонФотографија: Petros Karadjias/AP Photo/picture-alliance

Според него, се подразбира дека трансатланското партнерство и НАТО не смеат да се заборават, но „САД и натаму ќе бара од нас да станеме поавтономни, да преземеме поголема одговорност и на пример да ги зголемиме трошоците за одбрана“.

Повеќе:

-Нов почеток на трансатлантските односи со Бајден?

-Историјата на инаугурациите: Што Бајден може да научи од претходниците?

Во тоа светло, Бон го брани и новиот договор помеѓу ЕУ и Кина, кој наиде на многу критики. „Би било чудно кога би се верувало дека ЕУ не смее сама да потпишува договори“, вели тој и додава оти договорот не е насочен кон новиот американски претседател, бидејќи „би требало Европа да знае што сака и во секој поглед да преземе одговорност“.

Париз изгледа сака да се држи до стратегијата на поголема самостојност во однос на Вашингтон, без разлика на победата на Бајден. Тоа е во согласност со француската традиција, трансатлантските врски да ги набљудува со повеќе скепса од останатите европски земји.

Европа мора да биде дел од решението

Јана Пуљиери од берлинскиот Совет за надворешни односи вели дека Европејците би морале што поскоро да испратат јасен сигнал за прекин со администрацијата на Трамп во Вашингтон. „Тоа беа тешки 4 години, сега поворно работиме со здружени сили и го поздравуваме новиот претседател со раширени раце.“

Таа вели оти оваа порака е важна за Бајден и на внатрешен план. „Ние не сме вазали и часовникот не може да се врати назад, но на оваа влада треба да и' се покаже дека Европа сака мултилатерализам и оти е подготвена да преземе повеќе задачи“, вели Пуљиери.

Повеќе:

-Пред инаугурацијата на Бајден: Вашингтон наликува на „воена база“

-Вашингтон се „утврдува“ за инаугурацијата на Бајден

Бајден ќе биде толку преокупиран со внатрешнополитичките теми што ќе биде среќен ако ЕУ се осврне на некои прашања, како што е ситуацијата во нејзиното соседство, во Белорусија. „Треба да бидеме дел од решението, а не дел од проблемот“, вели Јана Пуљиери. Таа ја поддржува идејата за одредена стратешка автономија на ЕУ, бидејќи тоа ќе го направи Брисел подобар партнер.

Над 20.000 гардисти ќе ја обезбедуваат инаугурацијата на Бајден

„Париз стравува дека амбициите на Европејците би можеле повторно да заспијат, а во Берлин владее неизвесност затоа што победата на Бајден беше тесна, а САД можеби нема да бидат тука засекогаш“. Јана Пуљиери објаснува дека од сето ова произлегува дека Европската унија мора во секој случај да стане појака, за да може активно да се обиде да го одржи партнерството со Вашингтон.

Според неа, Европејците прво би можеле да разговараат за „полесните“ теми со Бајден, кои брзо ќе донесат резултати, како што се заштитата на климата, преговорите со Иран и улогата на НАТО. „На почетокот на летото е закажан самит на НАТО, на кој треба да се испрати сигнал за нов почеток и да се усвои нов стратешки концепт“, вели Јана Пуљиери, но исто така додава дека трговската политика ќе остане многу тешко поле за преговори, и оти е најдобро да се започне со мали чекори. Оваа аналитичарка е критична кон договорот склучен помеѓу ЕУ и Кина: „Ние мора неминовно да испегламе лошиот почеток во политиката кон Кина“.

Нова игра во трансатлантското партнерство

Европратеникот од редовите на германските Зелени, Рајнхард Битикофер, исто така смета дека договорот со Кина бил лош. „Требаше да имаме подобар почеток“, вели тој, додавајќи дека не станува збор за тоа дали да се бара одобрување од Вашингтон, туку за соработка на двете страни во оваа и во другите области. „Стратешки гледано, европското солирање во однос на Кина нема многу смисла, но има уште доволно време да се седне на маса со Вашингтон, бидејќи договорот стапува во сила дури откако ќе биде одобрен од Европскиот парламент“, истакнува Битикофер.

Frankreich l Europaparlament Straßburg - Reinhard Bütikofer, Bündnis 90 die Grünen
Европратеникот од редовите на германските Зелени, Рајнхард БитикоферФотографија: DW/D. Dobrić

Според него, Европејците ја пропуштија можноста да испратат важна порака до Вашингтон, Пекинг и до остатокот од светот: „Играта започнува одново и трансатлантското партнерство ќе биде заживеано“. Битикофер, сепак, смета дека климатската политика е приоритет, следена од трговијата и од безбедноста. Тој верува дека би било луксуз да се земе во фокусот само една тема: „Мораме да џвакаме гума за џвакање и да трчаме истовремено“, вели Битикофер, што е американски термин за вршење повеќе работи во исто време - мултитаскинг.

Крај на кошмарот?

На прво место меѓу промените што тимот на Бајден ќе ги донесе во однос на Европа е „крајот на непочитувањето што Трамп го имаше кон Европа“, вели Џуди Демси од европскиот огранок на фондацијата Карнеги. Таа додава дека, покрај тоа, Бајден ја ја разбира Европа и добро ја познава Ангела Меркел.

Џуди Демси исто така верува дека од Европејците ќе се бара да сторат повеќе во областа на одбраната и на безбедносната политика и оти може да има шанса за нови преговори за контрола на атомското оружје. Но, таа вели дека трансатлантските односи треба да бидат пошироки од оската ЕУ-САД, отворени за соработка со другите демократии - од Канада до Јапонија - за развој на заеднички стратегии за безбедност, трговија и одбрана, за Кина, Индија и за Латинска Америка. Џуди Демси смета дека Брисел и Вашингтон повторно би можеле да го стават на маса договорот за слободна трговија - ТТИП.

Но, кошмарот од мандатот на Трамп, може да се надмине, само ако се направи напор да се разбере што ги мотивира  движењето „Алтернативна десница“ и популистите и како би можеле да се регулираат социјалните мрежи. Авторитарните режими имаат за цел да ги дестабилизираат демократиите со финансирање такви движења и хакерски напади на интернет, вели Џуди Демси. И заклучува: „Владата на Трамп ги  покажа како кревкоста, така и силата на демократските институции. Но, што е нејзиното наследство - тоа прашање останува отворено“.