1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што навистина се случува во Украина?

Ј.Зајферт, А.Завацки, М.Остапчук/ С.Недевски12 декември 2013

Протестите во центарот на Киев траат веќе со недели. Цивилното општество му се спротиставува на прорускиот курс на власта и нема намера да отстапи пред заплашувањата.

https://p.dw.com/p/1AXkZ
Фотографија: Getty Images/Afp/Genya Savilov

„Колку долго ќе траат уличните протести во Киев зависи само од власта “. Ова го предвиде пратеникот на опозициската апртија „Украинска демократска алијанска за реформи“ (УДАР) Ростислав Павленко, во разговорот за Дојче Веле уште на почетокот на месецов.

И навистина, досека пропаднаа сите обиди на безбедносните сили да ги задушат масовните протести. Дел од демонстрантите при екстремно ниски температури опстојуваат веќе неколку дена на „Мајдан“ , централниот Плоштад на независноста во центарот на Киев. Пејат песни, учествуваат во заеднички молитви, поставуваат барикади од дрва. Досега не можеа да ги поколебаат ни ноќните полициски акции ниту апсењата и заканите. Доколку претседателот Виктор Јанукович шпекулираше дека ќе ги заплаши демонстрантите со специјалните полициски единици, тогаш очигледно направил лоша проценка: „ Тука се одлучува судбината на земјата“, извикуваше пред насобраните демонстранти синоќа (11.12) Арсениј Јазењук од партијата на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која подолго време се наоѓа во затвор.

Ukraine Proteste der Opposition für Annäherung an die EU 11.12.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ориентираност кон Запад

Она што на крајот на ноември започна како протест против суспензијата на потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ во меѓувреме прерасна во масовно движење против владата на премиерот Микола Азаров. Владата попушти под притисокот на Русија и со тоа пропушти шанса да ја одведе земјата во насока на Запад. Разочарувањето на многу Украинци поради тоа е големо, и сѐ повеќе расте гневот против целокупното државно раководство.

Блокирањето на договорот со ЕУ, меѓутоа беше само иницијална каписла за протестите, смета Корнелиус Охман од Фондацијата за германско-полска соработка. „Сметам дека цивилното општество во Украина е многу поразвиено отколку што мислиме. На луѓето им е преку глава од стилот на владеење на претседателот и ја користат секоја можност за да го изразат своето незадоволство“, вели Охман.

Протестите во центарот на Киев се предводени и организирани од „Комитетот на националниот отпор“. На негово чело се лидерите на трите опозициски партии: Витали Кличко со неговата партија „Удар“, Олех Тјаникоб со неговата „Слободарска партија“, како и Арсениј Јазењук со партијата „Татковина“. Во Комитетот припаѓаат и претставници на повеќе општествени организации.

Kiew Ukraine Protest Regierung 1. Dezember Klitschko
Витали Кличко, лидер на опозицијатаФотографија: VASILY MAXIMOV/AFP/Getty Images

Источноевропските револуции како пример

Пратеникот во украинскиот парламент од редовите на „Удар“, Ростислав Павленко и натаму се надева дека ќе биде пронајден политички излез од кризата „Ако тоа не се случи, ние мирно ќе го одржуваме притисокот, сѐ додека состојбата не биде разрешена на цивилизиран начин“. Опозицијата има уште многу форми на мирен протест во својот арсенал: особено такви какви што можеа да се видат во источноевропските земји во 1989. година при падот на комунистичките режими и при повторното обединување на Германија: „Многу добро научивме од минатото и ќе посегнеме по овие форми на протест. Но сите ќе бидат мирни“, вели Павленко. Пред демонстрантите веќе настапуваат ѕвезди како пејачката Руслана, победничката на Евровизија во 2004. година. На големи платна се прикажуваат филмови.

Тука се појави потенцијал за протести, кој го потценија сите засегнати, како во Киев, така и во Москва и во Брисел, смета Марија Давидчук од Германското друштво за надворешна политика во Берлин. „Украинската влада во источното партнерство со ЕУ гледаше опција, само додека таа оодговараше на внатрешнополитичкиот развој“, истакнува Давидчук во интервју за ДВ. Од другата страна ЕУ навистина испрати многу сигнали до Украина, но не понуди конкретни стратегии или инструменти за решавање на реалните проблеми на земјата и на населението.“ Со оглед на напрегнатата ситуација во Украина, ЕУ апелира за преговори меѓу владата и опозицијата , но досега залудно се обидуваше да посредува.

Russland Ukraine Putin Janukowitsch
Претседателите на Украина и на Русија, Виктор Јанукович и Владимир ПутинФотографија: AP

„Тектонски промени во украинската политика“

Украинската опозиција е секако во состојба да ја принуди власта на отстапки, верува директорот на Меѓународниот институт за демократија, Серхиј Таран. Тој смета дека за тоа ќе биде доволно да се одржува интензитетот на протестите. Ова сега е многу полесно отколку пред 9 години а време на „Портокаловата револуција“, зашто денес демонстрантите се многу порадикално настроени отколку тогаш. „Луѓето би можеле да ги прошират блокадите и на резиденцијата на претседателот во населбата Мешихирја во Киев“, вели украинскиот експерт.

Тој е убеден дека досегашните протести веќе се погрижија за „тектонски промени во украинската политика“. Олигарсите и шефовите на политичките кланови полека стекнуваат впечаток дека претседателот Јанукович губи од моќта. Ваквиот развој ја поткопува владата од внатре, и ова, сопред Таран, на крајот би можело да доведе до промена на власта во Украина.