1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што (не)смее сатирата?

Рајна Бројер / Елизабета Милошевска Фиданоска12 јули 2012

Фотомонтажа со папата Бенедикт 16. на насловната страница на магазинот за сатира „Титаник“ предизвика жестока дискусија. Колку далеку смее да оди сатирата и кога веќе не е смешно?

https://p.dw.com/p/15VtP
Фотографија: AP

Контроверзната насловна страница го прикажува Бенедикт 16. во неговата бела одора со жолта дамка во скутот. Насловот гласи: „Халелуја во Ватикан - пронајдено е местото од кадешто протекува!“ На задната страница на магазинот папата може да се види одзади, овојпат со кафеава дамка. Текстот под сликата: „Пронајдено уште едно место од кадешто тече!“. Ширењето на сликите беше стопирано - суд во Хамбург донесе привремена одлука за тоа, но одлуката само придонесе за разгорување на дебатата околу границите на сатирата.

Прашање на стилски средства

Претерување, полемика, извртени содржини - тоа се стилските средства на сатирата. Острата и полемичка сатира е во основа етички дозволива, вели Еда Кремер од Германскиот совет за печат. Личните права меѓутоа, како што дополнува Хендрик Цернер, портпарол на Германското здружение на новинари (ДЈВ), притоа мора да бидат испочитувани. „Се разбира дека има граници, дека интимната сфера на личноста не смее да биде повредена. Но на оваа насловна фотографија не се работи за личноста Бенедикт 16., туку за него како претставник на бирократијата во Ватикан.“

Дамка која поларизира

Редакцијата на „Титаник“ на работите гледа опуштено: „Не се случува секој ден некој папа да ви напише нешто, па затоа писменото обраќање навистина го прославивме. Пиевме пенливо вино, мала католичка чашка“, вели Лео Фишер, главен уредник на магазинот за сатира. Тој наводно не може да ја разбере возбудата околу контроверзната насловна слика: „Ако, да речеме, тоа се дамки од лимонада која се истурила за време на прославите по повод завршувањето на аферата Ватикан, тогаш папата сигурно може да биде прикажан со такви дамки.“

Фишер најрадо би сакал да го разјасни случајот намира, лице в лице: „Му понудивме на папата личен разговор. Го поканивме во просториите на редакцијата за да разговара со нас за се‘.“ Фишер сака на папата да му понуди кафе или чаша лимонада.

Leo Fischer
Лео Фишер, главен уредник на „Титаник“Фотографија: picture-alliance/dpa

На Матијас Коп, портпарол на Германската бискупска конференција, не му е смешно: „Одвратно. Мислам дека има граници на добриот вкус и граници на сатирата. Овде станува збор за повреда на личноста на одвратен начин.“ Коп нагласува дека медиумите и сатиричните магазини треба да имаат извесна почит кон религиите: „Кога еден папа, кој има 85 години, се претставува како личност која не може да се контролира, тогаш е тоа повреда на интимната сфера. Тоа е апсолутно неприфатливо.“

И Кристијан Вајзнер од католичкото реформско движење „Ние сме црквата“ оценува дека сликите се невкусни: „Насловната слика е нешто што го повредува секој католик, само што црквата и папата не треба да се чувствуваат како посебни маченици. Оваа извалкана одора има порака и покажува дека католичката црква не е невина во сите случаи“, вели Вајзнер.

Верската сатира поларизира

„Слободата на печат кај нас има големо значење, но религиозната сатира, според нашето искуство, е проблематична и често поларизира“, нагласува Еда Кремер од Германскиот совет за печат. До вчера (11.07) напладне до Советот се поднесени 40 жалби. „Луѓето се чувствуваат повредени во нивните верски чувства и сметаат дека човечкото достоинство на папата е повредено со насловната страница.“

Edda Kremer Referentin Presserat
Еда Кремер, Германски совет за печатФотографија: Presserat

Дебатата околу сликата на папата се води и на социјалните мрежи. „Ме радува што навредата и понижувањето веќе не може да се оправдуваат под плаштот на сатирата“, пишува еден корисник на Фејсбук околу одлуката на судот во Хамбург. Друг корисник на Твитер пак е критичен: „Папата ги навредува моите верски чувства со тоа што го претставува Титаник, кого го обожавам, како грешен, тој хохштаплер!“.

Досега нема јасен победник во случајот, но редакцијата на Титаник вчера веќе славеше делумен успех - бројот на претплатници откако беше обелоденет случајот во вторникот (10.07), бележат „скок“. За разлика од редовните околу десет нарачки дневно, во вторникот имало веќе 60 нарачки на магазинот, а вчера само до пладне околу 50 нарачки.