1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што по истекот на ултиматумот во Израел?

4 јули 2006

Судбината на израелскиот подофицер Гилад Шалит останува неизвесна и по истекот на ултиматумот што го поставија грабнувачите.

https://p.dw.com/p/Ae0O
19-годишниот израелски војник, Гилад Шалит
19-годишниот израелски војник, Гилад ШалитФотографија: AP

Кусо пред тоа портпарол на една од трите радикални групи на Палестинците, кои ја презедоа одговорноста за грабнувањето на војникот, изјави дека исламскиот закон забранува убивање заложници. Тој исто така додаде дека случајот Гилад Шалит е сега завршен и дека Израел нема да дознае дали војникот е жив или не.

Ваквата нејасна одлука на палестинските радикали дојде откако израелската влада уште еднаш ги итфрли сите нивни барања. Израелската влада нема да преговара со терористи, гласеше ставот на премиерот Ехуд Олмерт. Тој напротив се закани дека доколку нешто му се случи на грабнатиот војник, тогаш „небото ќе се урне врз главите на Палестинците„. И министерот за внатрешни работи Рони Бар Он за државното радио изјави дека армијата во таков случај ќе одреагира на начин што Палестинците уште не го доживеале.

Напнатоста и исчекувањето во Израел се зголемуваат. Кога министерот Меир Шитрит побара случајот со грабнатиот војник да се исползува за повторно да се воспостави заканувачката моќ на израелската армија, таткото на Гилад Шалит се јави повторно за збор во медиумите:

„Државата Израел не може да ја изгради повторно заканувачката моќ на армијата врз плеќите на борецот, граѓанинот и војникот Гилад Шалит, бидејќи неговите плеќи не се толку широки. Ако Израел сака да ја обнови заканувачката моќ на армијата, тогаш тоа требаше да го стори порано, пред случајот со грабнувањето„ – порача таткото Ноам Шалит.

Тој ја искористи и посетата на шефот на генералштабот Дан Халуц на неговото семејство во местото Мицпе Хила во Галилеја, за да апелира:

„Му се обратив на првиот војник во државата да се заложи за мојот син Гилад, војник во служба на армијата. Како војник за војник!„

Изминативе денови се водеа задкулисни преговори за надминување на заложничката криза со посредство на Египет. При тоа имало и напредок во барањето комрпмисно решение, но конечен пробив не е остварен. Радикалното движење Хамас, кое официјално се бори за уништување на државата Израел, се плаши од загуба на угледот кај палестинското население доколку го пушти на слобода 19-годишниот војник без возвратни отстапки на Израел. А израелската влада пак не сака да попушти од страв дека тоа може да биде почеток на цела серија грабнувања и уцени.