1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што, по уште едно “не“ од Брисел ?

Костадин Делимитов20 декември 2013

По петтата по ред блокада на стартот на преговорите со ЕУ, очекувано владее разочарување во Македонија. Аналитичарите сугерираат засилување на дипломатската активност, но и промена на внатрешниот политички курс.

https://p.dw.com/p/1Adn8
Фотографија: AP

Во Македонија владее разочараност но не и изненаденост по епилогот во Брисел. Заклучокот на европскиот совет на македонското досие да се наврати догодина беше главно очекуван, но дилемата која сега се отвора е како и што понатаму. Какви потези да се повлечат по уште една петта по ред блокада на препораката за почеток на преговорите за членство. Грција според аналитичарите останува клучен проблем, со кој земјава ќе биде соочен и во наредните шест месеци кога Атина го презема претседателството. Универзитетскиот професор Горан Илиќ во изјава за Дојче веле сугерира макимален дипломатски ангажман и вложување на натчовечки напори во промовирање на својата вистина:

„Колку тоа и да звучи идеалистички, но сметам дека наредните месеци ќе бидат месеци на дипломатска борба која ќе треба да ја водиме. Грција ќе настојува што е можно повеќе да работи на неутрализирање на значењето на прашањето околу спорот за името на таков начин за да го насочи во своја корист. Во оваа ситуација Македонија од друга страна ќе мора да преземе активности кои ќе значат демант на евентуалните грчки активности, а од друга страна промовирање на најдоброто лице, најдобрите вредности на РМ и нејзината цврста детерминација за интегрирање во ЕУ. Ова е клучен момент кој не смее да ја фрли земјата во некоја евро дефетистичка ситуација, туку напротив треба да докажеме дека сме сигурни, цврсти, јасно ориентирани за интегрирање во ЕУ, колку тоа и да звучи тешко и комплицирано под вакви околности.

За сите оние забелешки на внатрешнополитички план треба да се постапи по укажувањата на ЕУ, но исто така да ги засилиме дипломатските активности. Нас долго време ни фали дипломатската борба бидејќи дефинитивно немаме квалитетни дипломатски ресурси како држава и гледаме дека ги губиме битките на фронтот во дипломатијата“, коментира Илиќ.

Сериозна опомена

Епилогот од Брисел е очекуван и за Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика. Земјата според нејзе добила очекувана шлаканица од Европскиот совет, но и доста критки кои во добар дел беа неочекувани. „Нетранспарентното трошење на државните пари, нејасната граница помеѓу државата и политиката и минатогодишните настани од собранието на 24 декември се само дел од проблемите кои ја оддалечија земјава од европските порти“, вели таа и додава: „Сметам дека ова е многу сериозна опомена за Владата да го смени однесувањето, односно да не ја користи европската агенда за држење на власта надвор од европските стандарди на владеење. Она што преостанува сега е или да се освестат коалиционите партнери, колку што може да влијае тука ДУИ, малку со резерва, и да пристапат кон еден сосема поинаков начин на градење на консензус на европската политика. За жал сметам дека за ваквата опција шансите се мали бидејќи веќе неколку години видовме дека ваквите совети оттаму не функционираат. Втората варијанта е да се шири платформата во земјата за демократски промени затоа што ние веќе се соочуваме со дното на демократијата во Европа. Мора да се смени курсот, дали сакала сама или под надворешен или внатрешен притисок“, смета Ристевска Јорданова.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Конкретниот тајминг за досието Македонија засега останува нејасен. Во заклучокот стои дека Советот ќе се наврати на прашањето во текот на наредната година врз основа на нови информации од Европската комисија за натамошната имплементација на реформите во контекст на Пристапниот дијалог на високо ниво, вклучително на политичкиот договор од 1 март и за видливи чекори преземени за промоција на добросоедските односи и изнаоѓање взаемно прифатливо решение за прашањето со името. Еврокомесарот за проширување Штефан Филе по состанокот на министрите за надворешни работи рече дека е забележан напредок во Македонија, но, поради недостиг на консензус во ЕУ, земјата и овојпат останува без датум за почеток на преговорите за членство. За разлика од Македонија Србија доби датум за почеток на преговори, 21 јануари, а Албанија најава за кандидатски статус во јуни догодина.