1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што правеле германските тајни агенти во Ирак за време на војната?

12 јануари 2006

Германските медиуми тврдат дека германски агенти им помагале на Американците во нападот врз Ирак!

https://p.dw.com/p/Ac9s
Што знаел Франк Валтер Штајнмајер?
Што знаел Франк Валтер Штајнмајер?Фотографија: AP

„Не сметајте со тоа дека Германија ќе се согласи со резолуција што ја легитимира војната„ – со оваа реченица поранешниот канцелар Герхард Шредер во јануари 2003-та ја одреди насоката на германската политика по прашањето на Ирачката војна. Наспроти непопустливиот став на канцеларот, манифестиран во повеќе наврати и се‘ до крајот на неговиот мандат, германските медиуми сега откриваат дека агенти на тајната служба БНД наводно им помагале на Американците уште за време на воените дејства. Аферата добива на тежина дотолку повеќе што координатор на германските тајни служби по функција во тоа време беше шефот на канцелар-амтот и сегашен шеф на дипломатијата, Франк Валтер Штајнмајер.

Тесната соработка меѓу тајните служби беше продолжена наспроти затегнатите односи меѓу Берлин и Вашингтон, посочува за Првата програма на германската ТВ еден соработник на БНД. Ваквата одлука во никој случај не е донесена без консултација на тогашната германска влада. Директно одговорен за работата на германските тајни служби, во тоа време беше сегашниот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер.

Она што меѓутоа особено ја возбудува германската јавност не е традиоционално добрата соработката меѓу германските и американските разузнавачи, туку фактот што агентите на БНД во Ирак биле директно вклучени во акцијата на откривање на целите за бомбардирање при американската инвазија. Како пример се наведува дури конкретно нападот од воздух врз едно здание во Багдад во април 2003-та, каде што постоело сомневање дека се крие поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин. Во овој напад животот го загубија 12 лица.

ВО меѓувреме раководтсвото на БНД за весникот „Зидојче цајтунг„ ги демантира ваквите информации. Вистина е дека германски тајни агенти имало во Багдад за време на војната, но тие не биле вклучени во посочувањето цели за бомбардирање. Првата програма на германската ТВ пак известува дека најмалку еден припадник на германските тајни служби во меѓувреме добил американски орден за воени заслуги.

До сега нема рекација од најповиканите: тогашниот шеф на БНД Аугуст Хенинг и шефот на канцеларамтот и сегашен шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер. Но, затоа опозицијата не чека: експертот за внатрешно политички прашања при собраниската група на Либералите, Макс Штадлер, веќе побара свикување Парламентарна истражна комисија, доколку информациите што ги презентираа германските медиуми за активностите на германските тајни агенти за време на Ирачката војна имаат подлога во реалноста.