1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што со Унијата по неуспешниот самит во Брисел?

14 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRW

Сите учесници на самитот во Брисел се обидоа да го претстават неуспешниот исход што е можно помалку драматично. Нема криза на ЕУ, таа ќе продолжи да функционира и без Устав, ветија на пример шпанскиот и британскиот премиер Азнар и Блер. Ни францскиот претесдател Ширак не сакаше да зборува за криза, туку повеќе за една група држави кои ќе се движат побрзо кон интеграција. А ни германскиот канцелар Шредер не ја исклучи можноста од создавање Европа со две брзини, доколку Шпанија и Полска го блокираат и понатаму предложениот модел на двојно мнозинство. Но, неуспехот на самитот во Брисел во секој случај не е добар знак спроти проширувањето на Унијата на пролет!

По неуспехот на самитот во Брисел сега е ставена под знак прашање способноста на Унијата за дејствување. Полска, како најголема од земјите што треба да и' пристапат на Унијата, со тврдото одбивање на двојното мнозинство, со кое инаку се сложија речиси сите други земји, и' нанесе тешки штети на европската интеграција. Зашто, Уставот не е некаков си документ. Тој треба да ги постави темелите за иднината на Европа во наредните десетлетија. Вака, Европејците повторно се деградирани на непрегледна збирка подвижни градилишта, од Ница, преку Амстердам до Стокхолм итн.

Германија исто така се покажа како непопустлива. Од напред беше јасно дека остро формулираниот став на канцеларот Шредер по природа на нештата ќе предизвика отпор кај Полска и Шпанија. Од друга страна, целиот спор околу тежината на гласовите на секоја земја, е тешко разбирлив од чисто рационален аспект. Вистинските губитници, ако такви воопшто има, би биле 19-те помали држави, чиј глас во иднина помалку ќе тежи при одлучувањето во Министерските совети, а не средно големите Шпанија и Полска. Но, она што реално недостасуваше во Брисел беше очигледно политичката волја за компромис. Во моментов превладуваат државите, кои нивните национални интереси ги ставаат пред продлабочувањето на интеграцијата на Унијата.

Тука се поставува и прашањето: што понатаму? Зашто, јасните проблеми што не можеа да бидат надминати на викендов во Брисел, нема да се изменат ни за три, ниту пак за шест месеци. А граѓаните на ЕУ до година се повикани да ги изберат своите нови преставници во Европскиот парламент. За која и за каква европска иднина ќе гласаат тие? Германскиот канцелар веќе се закани со Европа со две брзини, на пример во надворешната и безбедносната политика. Полска би можела да остане во класата на поспорите, а ЕУ би можела да се развие во насока на обична слободна трговска зона со заеднички пазар. Политичката интеграција со тоа би останала покусо. Шефовите на држави и влади пропуштија историска шанса во Брисел, а дали ќе добијат уште една - тоа е за сега нејасно!