1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе донесе овој 4-ти мај: зближување или нов јаз?

4 мај 2022

На 4-ти мај, 119 години од смртта на Гоце Делчев, под покровителство на Румен Радев ќе се одржи конференција на која ќе се дебатира за „заедничката историја“ и „европската зрелост на РСМ“.

https://p.dw.com/p/4AnwP
Nord-Mazedonien Skopje | Gedenken amGgrab von Goce Delcev
Фотографија: Government of North Macedonia

Расте бројката на членови на новоформираниот бугарско-македонскиот клуб за пријателство, кои се обидуваат да дадат поинаков тон во односите меѓу  Софија и Скопје, со цел да падне ветото, а двете земји да се зближат врз основа на европските вредности.

„Тоа е амбиционен проект на луѓе со добра волја од Бугарија и Македонија, во кој во овој момент има над 170 луѓе со изградено реноме во областите во кои работат и творат, со желба низ отворен дијалог да придонесат за градење на мостови на пријателство помеѓу двете граѓански општества, двете држави и двата народа, вели за ДВ поранешниот македонски премиер Владо Бучковски, кој е еден од првите учесници во оваа инцијатива.

Тој очекувам клубот да даде сериозен придонес во изнаоѓање на решенија за отворените прашања меѓу  двете држави.

„Тоа ќе биде охрабрување за двете влади, во овие критични недели, да изнајдат одржливо и достоинствено решение со кое би се кренало бугарското вето. Имаме намера да се бориме против говорот на омразата со серија на настани и многу чести медиумски настапи“, објаснува Бучковски.

Најтешката одлука

Бугарско-македонскиот клуб за пријателство е формиран во исклучително сензитивен период - кога се кршат копјата околу опстанокот или паѓањето на бугарското вето за РСМ, прашање за кое постои поделеност во бугарското општество, но и прогнози дека токму тоа може да и пресуди на владата на Петков, иако е „второ по редослед за решавање“.

Првото прашање кое ќе го стави на тест владиното мнозинство денеска, е расправата во Народното собрание - дали Софија треба да ѝ достави воена  помош на Украина,  на што се противи Бугарската социјалистичка партија (БСП), која е еден од четирите партнери во владата. Иако тоа резултираше со прогнози за распад на коалицијата, пратеникот на „Има таков народ“, Станислав Балабанов, смета дека БСП нема да ја напушти коалицијата заради тоа прашање и посочи што ќе биде најкрупниот залак за владата.

„Тоа (воена помош за Украина - н.з.) не е дел од коалицискиот договор. Кој и да беше на власт ќе го имаше тоа прашање за решавање пред себе. Не мислам дека тоа ќе урне коалицијата. На повидок е поголема битка, но во однос на Северна Македонија“, изјави тој пред бугарските медиуми.

Сепак, можно е темата за воена помош воопшто да не ја затресе владејачката коалиција, имајќи ги предвид известувањата на бугарски медиуми дека „Зеленски ја спасува владата од паѓање“. Весникот „24 часа“ објави дека украинскиот амбасадор во Софија, рано утрово до бугарскиот парламент доставил писмо од украинската влада, според кое „единствено нешто што Украина го очекува, е бугарските фабрики да го ремонтираат украинското оружје“.

Трите теми за дебата

И додека ова би ја олеснило позицијата на  премиерот Петков,  не е така по прашањето за ветото кон Северна Македонија. Поддршката за ветото со сите „оружја“ доаѓа и од крајно националистички партии, но и од кругови во власта. Четврти мај, денот кога се навршуваат 119 години од смртта на Гоце Делчев, ќе биде уште еден лакмус за пораките од  Софија.  Бугарскиот претседател  Румен Радев  е покровител и учесник на националната конференција „Европска перспектива за добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“. Конференцијата е во организација на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките и на бугарскиот Македонски научен институт, а на неа ќе присуствуваат потпретседателката Илијана Јотова, историчари, дипломати, новинари, претставници на организации на македонските Бугари и на Македонската патриотска организација (МПО) во САД и Канада. Првата дебата е на тема „Гоце Делчев и заедничката историја на Република Бугарија и Република Северна Македонија - меѓу фактите и идеологијата“, втората „Состојбата и перспективите пред добрососедските односи: европската зрелост на РСМ“, и третата посветена на „100 години организирано движење на македонските Бугари низ светот“. На неа, ќе говорат претставници на МПО, но и Георги Царномаров од културниот центар  „Иван Михајлов“ од Битола  и Петар Колев - претседател на партијата Граѓанско-демократска унија (ГДУ).

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Четврти мај, денот кога се навршуваат 119 години од смртта на Гоце Делчев, ќе биде уште еден лакмус за пораките од СофијаФотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Историскиот крстопат

Пораките кои ќе произлезат од конференцијата ќе покажат каква атмосфера се гради за ставот кон РСМ, а кој досега во голема мера беше насочен против паѓање на ветото, и против притисок однадвор за  деблокада на македонската интеграција.

„Вo последните месеци притисокот на ЕК и некои наши партнери создава парадоксално чувство дека Бугарија е земјата кандидат, додека Скопје веќе ги користи привилегиите како член на клубот“, рече на пленарното заседание на ЕП во Стразбур, бугарскиот европратеник Иво Христов од Групата на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите.

„Од  Бугарија се очекува да ја жртвува нејзината историја во име на геополитиката, но тоа е кратковидост. Со некритичното однесување кон Скопје, ЕУ си ги погазува сооствените критериуми од Копенхаген и во Европа внесува нерешени прашања со потенцијал да создадат внатрешни тензии во чувствителен регион, каков што е Балканот“, порача тој и ги повика ЕК и ЕП „да ја земат предвид бугарската позиција“.

Истите тези ги повтори и во интервју за „Радио Фокус“.

„Македонија е историски крстопат низ кој поминувал секој од соседите некогаш во историјата, и секој смета дека има предност. Македонија може да го потпали регионот, нешто што веќе се случувало во почетокот на минатиот век, не еднаш. Затоа САД стравуваат дека Русија може да го искористи тоа за дестабилизација на регионот во период на војна. Европа го следи американскиот императив за интегрирање на Западен Балкан, но тоа не може да се прави на сметка на Бугарија“, изјави бугарскиот европратеник.

Во заштита на бугарскиот национален интерес и под мотото „Не ја предавај Македонија“, денеска кога се навршуваат 119 години од смртта на Гоце Делчев, вонпарламентарната опозициска партија ВМРО организира целодневен протест пред владината зграда во Софија. Во прогласот за протестот, Делчев е ословен како „еден од најголемите зашититници на бугарската кауза во Македонија“.

Партијата, чиј почесен претседател е Красимир Каракачанов, поранешен министер за одбрана во владата на Борисов и приврзаник на политиката на вето за РСМ, најави дека овој протест е почеток на голема кампања, во која ќе се испраќаат пораки до бугарските власти дека „интересите на Бугарија и на македонските Бугари не се заменуваат и не се продаваат за визи и авиолинии, и дека историјата на двете држави е заедничка“.