1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

241109 Klimaverhandlungen UN Kopenhagen Klima

14 декември 2009

Самитот за климатски промени влегува во завршната фаза. Преговорите околу обврзувачки цели за намалување на испуштањето штетни гасови ги преземаат министрите за екологија на 192-те земји учеснички.

https://p.dw.com/p/L1h8
Фотографија: AP

„Мислам дека Копенхаген ќе донесе чекор напред и ќе овозможи промена, исто така и на финансиски план. Но, сакам да нагласам дека станува збор за промена што ќе се случи и без Копенхаген“, појаснува раководителот на Секретаријатот на ОН за климатски промени, Иво де Бур.

За него не се поставува прашањето дали светот ќе реагира на заканите од климатски промени, туку кога и на кој начин. Тој секако смета дека е неопходно да се постигнат меѓународни обврзувачки спогодби и цели. Но, истовремено нагласува дека и без нив светот ќе мора да се движи кон иднина, во која ќе има помалку штетни гасови како јаглерод диоксидот. „Понекогаш си мислам, како ќе беше вакви преговори да водевме пред 50 години. Во тоа време луѓето уште мислеа дека е неможно во 2009 да имаме авиони и санитарни простории во домовите. Тоа е премногу скапо, тоа нема да биде можно, си мислеа. Уверен сум дека и оваа промена на полето на климатските промени ќе се случи вака или онака. Таа промена не ја поттикнува само проблемот со затоплувањето на климата. Зборуваме и за растечки цени на енергенсите, за сигурност во снабдувањето со енергија и за квалитет на воздухот. Голем број од технологиите што ги користиме моментално, уште сега се надминати“, објаснува Иво де Бур.

Yvo de Boer
Нема лесна задача: Иво де Бур, шеф на Секретаријатот на ОН за климатаФотографија: AP

Концерните држат чекор

Дека промената не зависи само од проблемите што ни се закануваат од затоплувањето на климата, потврдува и Рајнер Венд од германскиот логистички концерн, ДХЛ: „Сакаме до 2020 година да постигнеме зголемување на ефикасноста за 30%, што се однесува до испуштањето на штетни гасови. Тоа е високо поставена цел, но работиме на нејзиното остварување. А втората е: сакаме да понудиме производи, што ќе имаат неутрален биланс што се однесува до штетните гасови. Тоа значи дека приватни муштерии, исто како и деловни лица можат да испраќаат ЦО2 неутрални пратки.“

DHL-Wagen neben Hot Dog Stand in New York, USA
Глобалниот логистички концерн, ДХЛФотографија: AP

Зацртаната цел на ДХЛ се поклопува со понудата на ЕУ во преговорите во Копенхаген. Таа имено понуди да го намали количеството штетни гасови за 30% до 2020 година. Тоа само под услов и другите земји да се приклучат кон европската иницијатива. Во спротивно, ЕУ ќе остане на до сега зацртаната цел за намалување за 20% до 2020. Тоа што концернот ДХЛ, со околу половина милион вработени во 220 држави и територии на светот, сака доброволно да ги оствари ваквите цели, тоа има сериозни причини: „Сметаме дека нашите муштерии се’ повеќе и повеќе ќе го очекуваат тоа од нас, но исто така сме уверени дека и берзите ќе реагираат на тоа дали претпријатијата, што се котираат на нив, работат штедливо на полето на испуштање штетни гасови. Значи, од тој аспект гледано, одлуката за намалување од 30% и не е сосема доброволна, туку таа и’ служи на добробитта на нашето претпријатие“, појаснува Рајнер Венд од концернот ДХЛ.

На ред се политичарите

Дали на самитот во Копенхаген ќе бидат договорени обврзувачки цели на овој план, останува да решат политичарите во текот на оваа недела. Се’ друго веќе имаме, посочува Ахим Штајнер, шефот на еколошката програма на ОН, УНЕП: „Имаме научни сознанија, имаме технологии, имаме и економски модели. Она што во моментов уште ни недостасува, тоа е политичкиот договор како да ги оствариме тие цели во рамки на едно глобално партнерство.“

Реално гледано, меѓутоа, меѓународната заедница не ни може да постапи поинаку, освен да постигне договор. Бидејќи трошоците за сегашното евентуално непреземање конкретни мерки, наскоро ќе станат повеќекратно поголеми!

Автор: Хеле Јепесен/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска