1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе се случува на конференцијата за Блискиот исток во Анаполис?

21 ноември 2007

Американската администрација веќе ги испрати поканите до преку 40 држави и меѓународни организации за учество на големата конференција. Таа треба да се одржи на 27. ноември во Анаполис, недалеку од Вашингтон.

https://p.dw.com/p/CQ3U
Кондолиза Рајс со главните актери во мировниот процес на поранешна средба во ЕрусалимФотографија: AP

Серијата средби посветени на мировниот процес за Блискиот исток ќе почне уште во понеделникот, на 26. ноември со приемот на израелскиот премиер Ехуд Олмерт и Претседателот на Палестинците Махмуд Абаз во Белата куќа. Попладнето шефицата на Стејт департментот Кондолиза Рајс ќе ги собере на разговор претставниците на Блиско источниот квартет, во кои покрај САД спаѓаат Русија, ЕУ и ОН. На крајот на денот сите учесници на конференцијата ќе се соберат на свечена вечера.

Вистинската конференција, на која сите ќе имаат право да ја кажат својата визија за решавање на блиско источната криза, почнува во вторникот на 27-ми. За истиот ден е предвидена и посебна средба на американската влада со лидерите на Палестинците и Израелците, а во средата со нив ќе се сретне уште еднаш Претседателот Буш во Белата куќа, како завршница на преговорите.

За значењето на конференцијата портпаролот на американското Министерство за надворешни работи Шин Меккормак појаснува:

„Оваа конференција сигнализира поддршка за храбрите настојувања на премиерот Олмерт и претседателот Абаз и служи како појдовна точка за преговорите за создавање израелска и палестинска држава.„

Од голема важност за американската администрација е присуството на Саудиска Арабија на конференцијата. Затоа претседателот Буш наводно лично разговарал по телефон со саудискиот Крал Абдула. Американците се надеваат дека со Саудијците ќе дојдат на конференцијата и поголем број други арапски држави. Очекувањата на американската политика од конференцијата ги сумира пратеникот на Џорџ Бупш за Блискиот исток Дејвид Велч:

„Не беше едноставно да се дојде до оваа точка. Обете страни мораа претходно да донесат сериозни одлуки. Но, ситуацијата е сега поинаква и се отвора можност Израелците и Палестинците сериозно да седнат на преговарачка маса. Тоа е од голема важност за нашите национални интереси во регионот. А важно е и за целите што сакаат да ги постигнат двете страни во конфликтот: безбедност за Израелците и сопствена држава за Палестинците!„