1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки денови за авио-патниците

ЕМФ / дв
15 јануари 2019

Десетици илјади патници денеска нема да стигнат до саканата дестинација. На осум германски аеродроми има предупредувачки штрајкови на безбедносниот персонал.

https://p.dw.com/p/3BYvP
Streik Sicherheitspersonal Flughafen Frankfurt
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Предупредувачките штрајкови на осум аеродроми во Германија ги расипаа плановите за патување на десетици илјади луѓе. Со работа престана безбедносниот персонал на најголемиот аеродром во земјата, оној во Франкфурт, како и во Минхен, Хамбург, Хановер, Бремен, Дрезден, Лајпциг/Хале и Ерфурт. Штрајковите ќе траат по неколку часа, во различно време на секој од аеродромите. Во Минхен од штрајкот не е погодена контролата на патници, туку само контролата на персоналот и на стоката.

Целта на синдикатите Верди и ДББ со овој досега најголем штрајк е да се изврши притисок врз работодавачите. Според пресметките на Сојузот на аеродроми АДВ, ќе бидат погодени најмалку 220.000 патници. Само во Франкфурт се откажани 570 од планираните 1200 летови денеска.

„Големи штети“

Deutschland Warnstreik am Düsseldorfer Flughafen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch

Раководителот на Сојузот на работодавачи БДА, Штефен Кампетер, критикува дека „напад врз германската воздушна раскрсница број еден и други аеродроми“ не е предупредувачки штрајк: „Верди со целосна намера ја ограничува мобилноста на десетици илјади домашни и странски патници и протокот на стока и со тоа предизвикува големи штети за нашата економија. Тоа е апсолутно несразмерно“, изјави Кампетер.

И генералниот секретар на Сојузот на германскиот туризам (БТВ), Михаел Рабе, се жали: „Повторно еден тарифен конфликт во една професија се прекршува врз грбот на стотици илјади патници, на авиокомпаниите и многу други компании од германската туристичка бранша.“

Предупредувачки штрјакови, но во многу помал обем, имаше и во текот на претходната недела. Прво се штрајкуваше во Берлин, а потоа во Диселдорф, Келн/Бон и Штутгарт.

Deutschland Warnstreik des Sicherheitspersonals am Flughafen Berlin Schönefeld
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Апсурдно“ барање?

Синдикатот Верди за вработените во обезбедувањето на аеродромите бара 20 евра бруто за работен час за сите, независно од различните квалификации (ДББ: 19,50). Досега платите, зависно од покраината и работните задачи, изнесуваат максимално 17,16 евра бруто за работен час.

Според Сојузот на компании кои се грижат за безбедност на воздушниот сообраќај (БДЛС), барањето за единствена цена на трудот, без оглед на квалификациите, е апсурдно. Сојузот, според сопствени наводи, на последните преговори понудил зголемување на платите за 2 до 6,4%. Тековните тарифни преговори се однесуваат на околу 19.000 вработени, соопшти БДЛС.