1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајк на грчките новинари

ЖА/афп/макфакс24 септември 2012

Новинарите во Грција денеска (24.09) штрајкуваат поради кратењата на платите и отпуштања од работа. Грција денеска останува целосно без вести.

https://p.dw.com/p/16DHo
Фотографија: dapd

Грчките медиуми во целата земја денеска (24.09.2012) спроведуваат 24-часовен предупредувачки штрајк. Јавните и приватните радио и телевизиски станици не пренесуваат вести и не емитуваат забавни програми. Затворени се поголемиот дел од редакциите и повеќето дописништва и канцеларии, како на државните информативни институции, така и на приватните компании. Во прекин е и ажурирањето на повеќето вести на интернет медиумите. Утре на киосците нема да се појави ниту еден дневен весник.

Координативниот комитет на штрајкувачите и’ достави на владата листа со десет барања, вклучувајќи ревизија на договорот за кредит со Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, според кој Грција почна значително да ги кастри платите и пензиите, а, исто така, и спроведува и либерализација на законодавството во сферата на трудот и пензискиот систем.

Особено, грчките новинари бараат склучување колективни договори, коишто менаџментите многу потешко ќе може да ги изменат, отколку индивидуалните договори. За стотици невработени новинари се бара ослободување од даноците.

Покрај тоа, штрајкувачите бараат враќање на отпуштените новинари по куса постапка, престанок на натамошните отпуштања, како и прилагодување на правата на вработените во електронските и во традиционалните медиуми.

Штрајкот на новинарите се одржува два дена пред 24-часовниот генерален штрајк кој е закажан за в среда, на кој се придружија поголемиот дел од јавниот и приватниот сектор.

Во меѓувреме, владата забрзано работи на усогласувањето со барањата на странските доверителите од ЕУ и ММФ, за нови 12 милијарди долари намалувања на трошоците во следните две години, како исполнување на зацртаниот распоред од договорот за заем и добивање на следната транша од 31 милијарди долари од кредитна поддршка.

Грција од почетокот на 2010. година веќе има добиено или обезбедени гаранции за два големи пакета странска финансиска помош, како и средства за докапитализација на локалните банки, во вкупна висина од 280 милијарди евра. Сепак, падот на грчката економија е многу подлабок отколку што тоа го очекуваа меѓународните кредитори.