Штрајк на пилотите на Луфтханза

Поради штрајкот на пилотите на Луфтханза денеска се откажани 876 летови. Погодени се околу 100.000 патници. Штрајкот продолжува и утре.

Синдикатот на пилотите ВЦ ги повика пилотите да штрајкуваат и во текот на утрешниот ден. Повикот дојде непосредно по рочиштето на судот во Хесен, кој го отфрли барањето на Луфтхaнза за забрана на денешниот штрајк.

Штрајкот на пилотите официјално почна непосредно по полноќ. Според Луфтханза, откажани се 876 летови, од кои 51 се интерконтинентални. Авиокомпанијата вчера напладне објави вонреден план на летање и се обиде на патниците да им понуди алтернатива за летање колку што е тоа можно. Меѓутоа, вонредниот план важи само за денеска. Патниците чиј лет е погоден од штрајкот имаат можност да направат бесплатна резервација за друг лет или бесплатно да го сторнираат летот.

Според наводи на Луфтханза, денеска не се менува ништо во плановите за летање на концерните-ќерки - Џерманвингс, Еуровингс, Ер Доломити, Аустриан Ерлајнс, Свис и Бриселс Ерлајнс. „2124 од околу 3000 планирани летови на Луфтханза Груп ќе се реализираат според планот“, соопшти концернот. Од Луфтханза сѐ уште не соопштуваат колкави се материјалните штети од денешниот штрајк.

Синдикатот прво упати повик до 5400 пилоти на Луфтханза за еднодневен штрајк. Синдикатот бара зголемување на платите ретроактивно од 2012 година и тоа за просечно 3,7% годишно. Луфтханза нуди зголемување од 2,5% во период од 6 години. Синдикалната борба почна во април 2014 година. Оттогаш пилотите штрајкуваа 13 пати. Последниот штрајк пред 14 месеци беше стопиран со судска одлука.


Следете нѐ