1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрук на Балканот

6 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRq
Денеска во западниот свет е Свети Никола, еден од најпопуларните празници на христијанството. Поради лошото време, германскиот министер за одбрана, Петер Штрук, денеска не допатува во Сараево, но затоа изутринава од Сент Николаус во Призрен, за време на појадокот со војниците на КФОР, тој беше изненаден со подарок за Божик - килограм тутун за пасионираниот љубител на лулето, седиште за мотор за обожувачот на мотори, и една кутија за прва помош за политичарот доколку се најде во тесно во која имаше штипка, за да се задржи заедно она што си припаѓа едно на друго, свеќа за да му го осветлува патот како досега, лажица, за да може да срка различни супи, батерија која треба да му биде резерва на енергија и една монета од десет центи, против мерките на штедење. Штрук со Босна требаше да ја заврши турнејата по Балканот, од чии земји бара преземање поголема одговорност за мировниот процес, што би овозможило брзо намалување на странските мировни сили. Во текст за утрешниот број на весникот "Билд ам зонтаг", чии делови агенциите пренесуваат однапред, Штрук пишува: "Балканските земји не можат да се потпираат вечно на наша помош". Министерот вели - помош да, но таа мора да се претвори во самопомош. Штрук вчера во Приштина изјави дека бројот на германските војници во составот на КФОР нема да биде намален и дека тие ќе останат на Косово се' додека има потреба за такво нешто. Во штабот на НАТО во Приштина, германскиот министер за одбрана оцени дека без оглед на зголемените тензии во последниот период, ситуацијата на Косово е добра. На Косово, Штрук допатува од Албанија, каде на валадата и вети поддршка на патот до НАТО и ЕУ. По разговорите со албанското раководство, министерот објасни дека тоа се однесува меѓу другото на обука на офицери и изградба на универзитет за албанските борбени сили. Материјалната помош на германскиот Бундесвер наменета за албанската армија, треба и натаму да продолжи.