1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штутгарт е првак на Германија во фудбал

21 мај 2007

Штутгарт и второпласираниот Шалке директно, а Вердер во квалификациите за Лигата на шампионите. Испаѓаат Мајнц, Алеманија и Борусија (М). Неизвесно, но не и толку квалитетно првенство на Бундеслигата

https://p.dw.com/p/Anz9
Шампионски почести за Штутгарт
Шампионски почести за ШтутгартФотографија: AP

Петтата титула во клупската историја на Штутгарт, колку заслужена исто толку и неочекувана, дојде по неизвесна борба што траеше до последен момент. По завршувањето на средбата против Енерги Котбус и победата со 2 спрема 1 видливо беше олеснувањето кај менаџерот Хорст Хелд: “Се разбира мојата радост е огромна. Ова беше тешка задача. Се виде дека тимот има проблеми. Енерги стори се’ за да ни го загорчи животот. Но, мора чесно да се каже дека нашиот тим во текот на целата сезона оствари супер-работа и среќен сум што станавме германски прваци”.

По водството на Енерги, клучен беше израмнувачкиот гол на Хицлспергер – од корнер упатената топка со волеј од голема оддалеченост ја смести во мрежата. “Денес беше енормно важно што воопшто постигнав гол, а двојно е убаво според начинот како го сторив тоа. Сега сме прваци и му се радувам на славјето”, рече репрезентативецот Хицлспергер.

Тренерот Армин Фе со кратко резиме: “Горд сум што можев да ја тренирам оваа екипа со сите карактери собрани во неа. Ако се погледа целата сезона секако може да се каже дека тие навистина играа фудбал со страст, со многу трчање. Ова едноставно е еден прекрасен тим”.

Голем губитник во финишот на првенството е Шалке. Долго изгледаше дека титулата ќе оди во Гелзенкирхен, но по поразите во Бохум и Дортмунд, победата со 2 спрема 1 на крајот против Арминија Билефелд не беше доволна за освојување на првото место. Соодветно големо беше и разочарувањето кај тимот и тренерот Мирко Сломка: “Се разбира, многу сум тажен, оти до две кола пред крајот бевме на првото место. Ова е горчлив момент”.

Но, тој имаше сили да му оддаде признание на првакот: “Ние не загубивме денеска. Не можевме безусловно да очекуваме да победиме со 5 спрема 0, а Штутгарт да одигра дома нерешено или да загуби. Мора едноставно да се каже дека со осумте последовни победи со право е на врвот и го заслужи тоа”.

Шалке се надеваше на кикс на Штутгарт, кој изостана. Вердер победи во Волфсбург со 2 спрема 0 и се надеваше на кикс на Шалке, кој исто така изостана. Штутгарт и Шалке се директни учесници во Лигата на шамшионите, а Вердер мора да игра во квалификации. “Севкупно имаввме многу светли моменти во оваа сезона. Моравме да проголтаме и по некое разочарување, но со овој натпревар и со целата сезона задоволни си одиме дома” – рече тренерот Томас Шаф.

Другите решенија беа познати уште спроти последното коло, освен за место во Интертото-купот. Него го обезбеди Хамбургер со победата од 4 спрема 0 против Алеманија Ахен. “Славиме што не испаднавме, славиме што имаме уште една мала шанса за да учествуваме во европско натпреварување” – прокоментира тренерот Хуб Стевенс.

Хамбургер го приграби седмото место откако Борусија (Д) загуби од Баер во Леверкузен со 2 спрема 1. Кормиларот на тимот од Дортмунд Томас Дол сепак беше задоволен: “Горд сум на она што го постигнаа момците во последните недели, оти во секој натпревар беа притиснати до ѕид. Самото тоа е извонредно. Мислам дека во Дортмунд ќе направиме нешто ново и повторно ќе се јавиме за збор”.

Баер Леверкузен уште претходно го имаше обезбедено учеството во Купот на УЕФА, како и Баерн Минхен, кој го победи Мајнц со 5 спрема 2 и заврши на - за него - скромното четврто место. Во последното коло Херта го победи Ајнтрахт и тоа во Франкфурт со 2 спрема 1. Победа на гости славеа и Нирнберг со 3 спрема 0 против Хановер, како и Бохум со 2 спрема 0 против Борусија во Менхенгладбах, која се сели во Втората лига заедно со Алеманија од Ахен и Мајнц.

Шампионската титула се славеше во Штутгарт до утринските часови

Славењето започна уште на стадионот. Атмосферата беше како за време на минатогодишното светско првенство. “Беше речиси како повторување на натопреварот Германија против Португалија пред една година” – спореди тренерот на германската решрезентација Јоахим Лев.

Потоа започна автомобилско корзо по улиците на градот, на кои излегоа 250 илјади луѓе. Поубав крај на сезоната не можеше ни да си претстави голманот Тимо Хилдебрант: “Толку многу емоции, толку многу симпатии за нашата екипа. Ова досега не сме го доживеале”.

Спортските херои на денот дури околу полноќ пристигнаа на трибината подигната на плоштадот каде ги очекуваа сто илјади луѓе. “Ова што се случува на плоштадов, илјаднициве луѓе, ова е неверојатно. Супер. Такви сме ние”, рекоа некои од луѓето што славеа.

20-годишниот Сами Кедира, Германец со туниско потекло кој дента го постигна победоносниот гол, како дури тогаш да ја осозна величината на успехот: “Вакви емоции од навивачите – од нив вистински стануваш свесен што всушност си постигнал. Ние мислевме дека нешто големо ќе се случува, но никогаш во животот не дека ќе биде олку големо!”

Во Карлсруе, Росток и Дуизбург ќе се игра прволигашки фудбал

Радост и славје на навивачите во Росток и Дуизбург: Фрајбург и Гројтер Фирт "извисија", Ханза и Дуизбург се изборија за втората и третата позиција и за враќање во прволигашкото друштво. Карлсруе уште од порано го имаше обезбедено првото место.

Конечно Федерер го победи Надал и на земјен терен

Во финалето на турнирот во Хамбург најдобриот во светот Роџер Федерер од Швајцарија пред 12 600 воодушевени љубители на тенисот го совлада 20-годишниот Шпанец Рафаел Надал со 2 спрема 6, 6 спрема 2 и 6 спрема 0. За Федерер ова е прв освоен турнир по серија од 4 пропуштени можности и прва победа на терени со земјена подлога против второпласираниот на светската ранг-листа Надал. Истовремено, ова е прв пораз на Надал на таква подлога по серија од 81 последовна победа. Федерер сега со зголемен оптимизам го очекува Ролан Гарос, единствен грен-слем турнир што досега го нема освоено.