1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шумахер не скијал пребрзо при несреќата

БГ/дпа/мкф8 јануари 2014

Според истрагата на француските власти, поранешниот светски првак во Формула 1 се движел со нормална брзина при несреќата, но скијал неколку метри надвор од одбележаната патека.

https://p.dw.com/p/1Amvj
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Двеминутната видео снимка од камерата на Михаел Шумахер покажала дека тој се движел со нормална брзина, но надвор од одбележаната патека. Француските истражни органи денеска на прес- конференција ги презентираат сознанијата за несреќата по која поранешниот светски првак во Формула 1 се здоби со тешки повреди на главата и од 29. декември минатата година се наоѓа во кома.

Јавниот обвинител на Албервил, Патрик Квинси, изјави дека до несреќата дошло во моментот, кога Шумахер ја напуштил патеката и со едната скија прво удрил во камен, поради што ја загубил контролата, паднал, па потоа со главата удрил во друг камен.

„Шумахер се нашол на крстопат помеѓу сината и црвената патека, ја следел црвената. Тој е искусен скијач, но неговата скија удрила во камен, поради што тој паднал и со главата удрил во друг камен. Каменот во кој удрил се наоѓал на осум метри надвор од патеката, а тој паднал на девет метри надвор од предвидената патека. Добивме многу информации од снимката, беа потврдени нашите првични заклучоци. Благодарение на камерата успеавме да направиме реконструкција на несреќата“, изјави Квинси.

Истрагата исто така утврдила дека патеката и попатната сигнализација биле правилно одбележани и биле почитувани сите безбедносни стандарди. Исклучена е и можноста причината за несреќата да се бара во евентуалната неисправност на скиите на Шумахер.

Лекарскиот тим во болницата во францускиот град Гренобл го одржува Шумахер во вештачка кома веќе десет денови, откако му беа изведени две операции. Неговата состојба се оценува како стабилна, но критична.

Неговата сопруга Корина вчера се обрати до јавноста со апел да се почитува приватноста на Шумахер и неговото семејство, а новинарите да си заминат од болницата и да ги остават докторите намира да ја вршат својата работа.