1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија ќе ѝ возврати на Македонија со промислен одговор

БГ
29 март 2018

Рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак денеска на прес-конференција во Скопје ги појасни позициите на неговата земја во врска со аферата Скрипал и нарушувањето на билатералните односи со Македонија.

https://p.dw.com/p/2vBYV
Screenshot Twitter russische Botschaft in Mazedonien
Фотографија: Twitter/russian_emb_mkd

Русија не добила никаков доказ од македонските власти дека протераниот дипломат се занимавал со дејности кои излегуваат од рамки на дипломатскиот статус или Виенската конвенција, изјави денеска во Скопје, рускиот амбасадор Олег Шчербак. Тој го повтори ставот дека одлуката за протерување на руски дипломат од Македонија е неоснована и „фактички е без преседан за целата историја на билатералните односи меѓу Русија и Македонија“. Москва смета дека овој „непријателски чекор“ бил изведен под влијание од надвор, „но таа околност не ги ослободува македонските власти од целата одговорност за последиците по нашите билатерални односи“.

Шчербак најави дека Русија нема избрзано да возврати на ваквата одлука на официјално Скопје, туку  одговорот „ќе биде адекватен и добро промислен од сите страни“.

Според Шчербак, во соопштението на руското МНР по средбата на македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов со рускиот заменик-министер за надворешни работи Александер Грушко „немало никаква закана по Македонија“. 

Нема закани од Москва

„Беше изразена нашата загриженост од плановите за вовлекување на Република Македонија во НАТО и беше забележано за негативни последици по регионалната безбедност и нашите билатерални односи. Во овој наш став нема ништо ново. Овој став им беше изнесен повеќепати на нашите македонски колеги, и јас како амбасадор повеќепати го изнесував овој став досега“, вели Шчербак. „Пропагандастички и фејк се оценките дека тоа биле закани кон Македонија“, дополни рускиот амбасадор.

Русија останува на ставот дека Македонија не треба да стане членка на НАТО, а позицијата на Москва по ова прашање Шчербак долго ја објаснуваше на прес-конференцијата. Меѓу другото, тој аргументира дека „НАТО е остаток од Студената војна“, кој на Македонија нема да ѝ донесе зголемена безбедност и сигурност. Напротив, Шчербак вели дека во случај на воен конфликт, Македонија ќе стане легитимна цел за напад од страна на Русија.

„Вие како одговорни граѓани на својата земја треба да размислите за тоа дека по зачленувањето во НАТО земјата ќе стане дел од воената машинерија и доколку се случи агресија против Русија вие ќе бидете на мета за возвратен удар. Дали тоа ви треба вам и на вашите деца?“, праша Шчербак.

Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски дека Москва не е партнер на Македонија, туку САД и ЕУ, според Шчербак ја одразува „недоследната политика на дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и доведе до тоа, ВМРО-ДПМНЕ да ја изгуби власта“.

„Од друга страна, јас познавам многу членови на оваа партија и знам дека се расположени за развој на конструктивни и партнерски односи со Русија“, рече Шчербак.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид