1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓукановиќ ја загуби поддршката на Западот

6 март 2012

Во момент кога се наоѓа пред речиси нерешливи социо-економски проблеми, црногорската влада се соочува и со остри критики од Западот. Во еден ден минатата недела, беа проголтани две горки пилули.

https://p.dw.com/p/14FkN
Мило ЃукановиќФотографија: picture-alliance/dpa

Најпрво беше објавено дека американската агенција „Стратфор“ оценила оти „цела Црна Гора, вклучително и нејзината влада, се дел од организираниот криминал“, а слични оценки изнесе и германската фондација „Фридрих Еберт“. Во годишниот извештај за состојбата во земјата се оценува дека „поради поврзаноста на политиката, економијата, корупцијата и организираниот криминал, Црна Гора тешко во блиска иднина ќе може да ги исполни условите за влез во ЕУ“.

Констатирајќи дека власта во Црна Гора не е промената од 1945 година, експертите на оваа германска фондација оценуваат дека Црна Гора е „полуконсолидирана демократија“. Притоа се наведува и дека младиот премиер Игор Лукшиќ не ги исполнил очекувањата на граѓаните и западните земји.

Од црногорската владејачка коалиција беше единствено соопштено дека се збунети со овие оценки. Досега, толку остри оценки на сметка на властите во Подгорица никогаш не дошле од Западот. По правило, оценките во најголем дел беа без искажувани пофалби, нешто што експремиерот Мило Ѓукановиќ и неговите соработници вешто го користеа во борбата против политичките противници.

Нови ветришта од Западот

Извршната директорка на независниот неделник „Монитор“, Милка Тадиќ- Мијовиќ вели дека е очигледно оти дошле нови времиња и дека од Западот дуваат некои нови ветришта.

Montenegro Prämierminister Igor Luksic
Игор ЛукшиќФотографија: AP

„Оваа анализа на „Фридрих Еберт“ е она за што ние овде зборуваме со години. Мора да се прифати реалноста дека Црна Гора има сериозен проблем со криминалот и дека на врвот на криминалната пирамида е една политичка гарнитура која сите овие години опстојуваше на власт благодарение токму на врските со криминалот“.

Тадиќ-Мијовиќ смета дека Црна Гора ја очекува „хрватско сценарио“, односно дека на обвинителната клупа, слично како и во Хрватска, наскоро би можел да се најде поранешниот премиер.

„Мислам дека Ѓукановиќ би можел да биде таа ’крупна риба’ која ја бараат ЕУ и некои други европски влади како доказ дека Црна Гора се пресметува со криминалот“, додава таа.

Во секој случај, пред Црна Гора е многу значаен период. Од судбината на експремиерот, кого германската фондација „Фридрих Еберт“ го нарекува „некрунисан крал на Црна Гора“ и „црногорскиот Путин“, ќе зависи и брзината со која таа држава ќе напредува кон ЕУ.

Автор: Мустафа Цанка/Б. Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска