Ѕвезди на ЕУРО 2016
Некои играчи се развиваат во ѕвезди дури за време на некој голем турнир, како што е и ЕП – ЕУРО. Други веќе претходно се вбројуваат во апсолутниот врв. Но, за сите заедно ЕУРО во Франција ќе биде голема фудбалска бина.
Дејвид Алаба
За неговиот клуб Бајерн од Минхен тој може и да е “само еден одбранбен играч”, но Алаба е срцето на репрезентацијата на Австрија, играч кој го диктира тактот на средината на теренот – со силни страни во играта во нападот. Во квалификациите Алаба постигна три гола. Со тоа тој придонесе Австрија, домаќин на ЕП 2008, за прв пат преку квалификации да успее да се пласира на завршницата на ЕП.
Роберт Левандовски
Играчот кој во една сезона постигна 30 голови, што во Бундеслигата последен пат се случи пред 39 години, е исто така член на Бајерн. Љубителите на фудбалот во Полска очекувањата и надежите во врска со ЕУРО ги врзуваат за Левандовски. Другите репрезентативци по квалитет не се од ист ранг со него, па сепак со нивна помош Роберт Левандовски успеа да постигне 13 голови на 10 средби во квалификациите.
Пол Погба
Без него е незамислив тимот на домаќинот на ЕП. Пол Погба има само 23 години, но иако толку млад, тој не само што веќе го диктира тактот во тимот на “триколорите”, туку е и една од суперѕвездите на Јувентус од Торино, чиј дрес го носи. Првенствено од него зависи дали на Оливие Жиру и Антоан Гризман ќе им бидат создадени шанси за гол.
Герет Бејл
Тој знае да игра брзо и технички дотерано, но исто така и да загризе, како што покажа со борбеноста во финалето на Лигата на шампионите. Во репрезентацијата на Велс 26-годишниот Герет Бејл е апсолутно број 1. Во нападот се’ оди преку него. Сега Бејл треба да се погрижи фудбалското “џуџе” Велс, по 58 години отсуство од ЕП, да остави белег на ЕУРО.
Хари Кејн
Во рамките на групата на ЕУРО Бејл ќе игра против Хари Кејн, негов наследник како голгетер во дресот на тимот на Тотенхем. Во англиската Премиер-лига Кејн направи голем пробив во сезоната 2014/2015 и во меѓувреме стана незаменлив во репрезентацијата на Англија. Со Џејми Варди од шампионскиот тим на Лестер Сити како соиграч во нападот, Кејн би можел да конкурира и за најдобар стрелец на ЕП.
Кевин де Бројне
Во меѓувреме и Кевин де Бројне настапува во Англија во тимот на Манчестер Сити. Уште пред последното СП во Бразил Де Бројне беше вбројуван меѓу извонредните поедници во селекцијата на Белгија. Овојпат, на ЕУРО, за разлика од СП, Белгијците би требало да стигнат и подалеку од четвртфиналето. Селекцијата на „црвените ѓаволи“ е полна со ѕвезди, но Де Бројне е веројатно најталентираниот.
Лоренцо Инсиње
Малиот по раст Италијанец е еден од играчите чија ѕвезда би можела вистински да заблеска на ЕУРО. Инсиње, навистина, и покрај тоа што е висок само 1,63 метри, во неговиот тим Наполи веќе претставува величина, но досега му недостасува голем настап на некое ЕП или СП. Тоа би можело сега да се случи, оти Инсиње е речиси неизбежен избор за селекторот Антонио Конте.
Хакан Чаланоглу
Играчот на Бајер Леверкузен уште не е голема ѕвезда. Во својот тим 22-годишниот Чаланоглу, кој е со турско потекло, е специјалист за изведување слободни удари и корнери. Во репрезентацијата на Турција тој, заедно со Арда Туран, се мотор на офанзивата. Турците би можеле на ЕП да стигнат далеку, оти во решавачки моменти Чаланоглу умее од слободен удар да ја смести топката неодбранливо во голот.
Андреј Јармоленко
Украинецот Андреј Јармоленко патува во Франција со желба по ЕП да оди во некој врвен тим од големите лиги во Европа. Офанзивниот играч на Динамо од Киев веќе одамна е регистриран од трагачите по таленти. Со добар настап тој би можел да си ја покачи цената и да придонесе Украина да биде едно од изненадувањата на ЕП.
Кристијано Роналдо
Тој е веќе одамна суперѕвезда. Неговиот погодок при изведувањето пенали во Лигата на шампиони беше пресуден. Роналдо, кој заработува милиони и од реклами, во Реал Мадрид е првенец меѓу врвните ѕвезди. На повидок му е и четврто признание за најдобар фудбалер во светот. Но, ни овој пат веројатно за Кристијано Роналдо и репрезентацијата на Португалија ќе остане недостижна титулата првак на Европа
Златан Ибрахимовиќ
Истото се однесува и на наводно најдоброплатениот фудбалер на планетава. Златан Ибрахимовиќ во Париз Сен Жермен заработувал 1,5 милиони евра месечно. Ексцентричниот Швеѓанец по 4 години ќе го напушти Париз, за него ЕУРО ќе биде проштевање од љубителите на фудбалот во Франција. Шведската репрезентација веројатно нема далеку да дотурка на ова ЕП, за поголеми успеси не е доволен само Ибрахимовиќ.
Андрес Иниеста
За Шпанецот Андрес Иниеста, токму како и за Ибрахимовиќ, ова веројатно ќе е последно ЕП. Тој и натаму дава такт на играта на репрезентацијата Шпанија, бранител на европската титула. Иако Шпанците со нивниот тика-така фудбал веќе не се непобедливи, квалитетите на 32-годишниот Иниеста остануваат извонредни.
Мануел Нојер
Во списокот на ѕвезди не смее да се изостави ни Мануел Нојер, кој во изминатите години играта на голманите ја крена на едно ново ниво. Германскиот број 1 и натаму е најдобар голман во светот и најдобар фудбалер меѓу голманите. Играчите во тимот се ориентираат според него – ако тој не направи грешка, тешко е да се победи германската селекција.