1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанкулоска бара брза екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ

АТ/ миа/макфакс12 јули 2013

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои во Македонија се товарат за убиствата кај Смиљковското Езеро, денеска на Косово се осудени за нелегално поседување оружје. Со тоа станува неизвесна нивната екстрадиција.

https://p.dw.com/p/196xt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска нема директна информација за предметот против Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кој постапува Судот во Приштина, но изрази незадоволство од евентуалната одлука тие да не бидат екстрадирани во Македонија за да им се суди за случајот „Монструм“.

„Немам точни податоци како постапувале судовите во Приштина, каква одлука донеле, но верувам дека одлуката е таква каква што вие ја презентирате и доколку тоа е случај навистина морам да изразам жалење за ставот на тамошните власти тие да не бидат испорачани на Република Македонија“, рече министерката Јанкулоска. Таа повтори дека од македонска страна се вложуваат сите сили овие лица колку што е можно побрзо да бидат испорачани во Република Македонија за да бидат изведени пред лицето на правдата. Јанкулоска апелираше да се направат дополнителни максимални напори тие да бидат екстрадирани во најкус можен рок.

Gordana Jankuloska
Министерката за внатрешни работи Гордана ЈанкулоскаФотографија: MIA

Демири и Исмаиловиќ денеска во Косово беа осудени на две односно две и пол години затвор за нелегално поседување оружје, со што се доведува во прашање нивната екстрадиција.

Доколку има жалби на денешната пресуда ќе поминат најмалку неколку месеци додека да стане правосилна со што неизвесно е кога би се случила екстрадицијата. Нивните адвокати најавија жалба. Одбраната на Демири и Исмаиловиќ на судењето за оружјето тврдела дека тие не биле виновни за процесот, кој се води против нив во Македонија за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.