1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанкулоска му одговори на СДСМ

ЕМФ/миа/макфакс9 јануари 2013

Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, коментирајќи ги поставените услови од страна на СДСМ, изјави дека „омразата на одредени личности во СДСМ се проектира кон институциите“.

https://p.dw.com/p/17Gj0
Фотографија: MIA

Министерката Гордана Јанкулоска денеска (09.01) по барање на новинарите ги коментираше барањата на опозицискиот „Сојуз на иднината“, предводен од СДСМ, за смена на министрите за правда, за внатрешни работи и за финансии со личности кои со својот кредибилитет ќе гарантираат објективност на изборниот процес.

Јанкулоска истакна дека тоа не е добро за државата, затоа што „институциите мора да продолжат да работат без разлика на тоа што независноста за СДСМ по дефиниција е власт во која тие имаат апсолутна доминација, односно во која се извршуваат нивните партиски наредби“:

„За успешноста или неуспешноста на функционирањето на МВР најмногу говорат резултатите, но уште повеќе говори довербата која граѓаните ја даваат на една политичка гарнитура на избори. СДСМ шест пати по ред од година во година трпи се‘ покатастрофален пораз, не од министрите, туку од граѓаните кои не им ја даваат довербата единствено заради фактот што тие немаат никаква конкретна понуда, проекти и немаат резултати кои би ги презентирале од времето кога тие имале можност да раководат со државата“, потенцира Јанкулоска.

Претходно, СДСМ соопшти дека ќе учествува на изборите доколку, покрај најавените локални, се одржат и предвремени парламентарни избори. Покрај ова, за фер и демократски избори опозицијата бара и формирање привремена влада чиј мандат ќе биде од распишување до завршување на изборите, смена на клучните ресори - министерствата за правда, внатрешни работи и финансии со личности кои со својот кредибилитет ќе гарантираат објективност на изборниот процес. Се бара и смена на директорот на јавниот сервис МРТВ, како и целосно прочистување на избирачкиот список и измени на Изборниот законик со вградување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Од СДСМ велат дека се подготвени веднаш да почнат разговори со партиите на власт за остварување и операционализирање на овие услови, а доколку нивните предлози бидат одбиени, тогаш, како што информира лидерот на партијата Бранко Црвенковски, ќе ја продолжат нивната битка со методите на улична демократија и сите видови на граѓански отпор.