Јануарски традиции во Европа
По новогодишните празници, многумина на почетокот на јануари брзаат во фитнес- салата. Но за многу луѓе во Европа празниците воопшто не се завршени, а начините на кои ги прославуаат се доста невообичаени.
Студен старт
Пливањето во замрзнатите води не е јануарска традиција само во северна Германија, туку и во делови од источна Европа. Но не се работи само за тест на издржливост, туку станува збор и за верска традиција која го симболизира чистењето од гревовите и се прави на Водици, кои според православниот календар се одбележуваат на 19 јануари.
На здравје!
Свечената божикна вечера во Русија и во други православни земји се одржува на 6 јануари, а не на 24 декември како што е обичајот во западниот свет. Божик се прославува со прекин на предбожикниот пост со 12 вкусни јадења и многу пијалоци.
Новогодишно крштевање
Во Грција, Водици или Богојавлание се одбележуваат на 6 јануари. Новата година не може вистински да започне додека водата не се исчисти од злите духови. За таа намена, свештеникот фрла дрвен крст во водите, а луѓето се натпреваруваат кој побрзо ќе стигне до крстот. Се верува дека тоа носи здравје и среќа.
Во потрага по светото дете
Легендата вели дека старата Бефана била меѓу првите кои знаеле за раѓањето на Исус. Но предоцна тргнала да го бара и пропуштила да ја види ѕвездата од Витлеем, како и детето. Оттогаш таа посетува деца во Италија, секоја година на 6 јануари и ги полни нивните торби со подароци- доколку биле умни. Таа е попопуларна во Италија од Дедо Мраз.
Крал на еден ден
Првата недела во јануари е одлична можност да се посети некоја француска пекара, каде можат да се најдат традиционалните 'galette des rois'- кралски колачиња, подготвени во чест на празникот на Трите кралеви (Водици). Но бидете внимателни, во некое од нив може да има и мала порцеланска фигура. Оној кој ќе ја пронајде ќе биде крал тој ден.
Здраво Кнут!
Во Шведска и Финска, Денот на Св. Кнут се слави на 13 јануари во чест на данскиот светец. Децата ги вадат декорации од божикната елка и за тоа добиваат бонбони. Празникот сепак не се слави во Данска, и покрај потеклото на светецот.
Зимска трка со санки
Веќе 40 години, Гармиш Партенкирхен се претвора во санкачки рај на Денот на трите кралеви. Санките традиционално биле користени за да се пренесе сеното за животните до долината. Денес, авантуристичките учесници се тркаат на 1,2 километри долгата патека, а некои од нив достигнуваат брзини и до 100 километри на час.
Штернзингери
Во делови од Германија, на 6 јануари, вообичаено е децата да се маскираат како тројцата мудреци, Каспар, Мелкиор и Балтазар. Одат од врата до врата, пејат, собираат донации за други деца и ја запишуваат годината - 20*C+M+B*16 - на вратите. Каспар понекогаш е претставен со црно лице- пракса која предизвика и некои контроверзи последните години.