1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да беше само Јанша...

15 април 2021

Љубљанската двојка сепак само обзнани табу кое долго кружи низ европските центри, ставајќи ја на увид дволичноста и цинизмот на протоколарната „определба, поддршка, загриженост”. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3s2eh
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Целата помама околу (не)постоечкиот (не)пејпер на Јанез Јанша би се свела на пасус од озборувачка колумна, доколку паралелно со нејзината објава не се изнесеше и информацијата за изјавите на Борут Пахор околу можноста за „мирно раздвојување” на Босна од Херцеговина кон Србија. Втемеленоста на втората информација, документирана и потврдена, е факторот кој првата шпекулација ја прави релевантна и кредибилна. Разговорите на Пахор се мотивот поради кој може да се верува дека темите за прекројување на границите во регионот се сепак тема на размисли и разговори на центрите на моќ, европски и трансатлантски. Поентата е дека сета приказна за оваа афера не може да се сведе на тековната интервентна „кризна контрола” за префрлање вина врз Јанша, а притоа да се премолчи улогата на Пахор и тежината на неговите „распрашувања”. Пахор, а не Јанша, е причината која им дава за право на тврдењата дека темата за нови разграничувања е сѐ уште присутна и актуелна низ сиот полит-идеолошки спектар, спротивно на тврдењата дека е ограничена врз екстремната или класичната десница. Разликата е единствено во свиленкасто-слаткоречивиот пристап на левицата (членот на СКЈ, Пахор) и мачистичко-парадерската галама на десницата (членот на СКЈ, Јанша).

Гласен молк

Првата невина жртва на оваа Alte Slovenische Kunst Des Kommunismus спрега е секако самата Словенија, која во нејзиното престедателство со ЕУ ќе влезе и плови со огромен багаж полн со скепси и недоверби, внатрешни и надворешни. Таа шестмесечна пловидба низ европските длабочини со Триглав врз плеќи и Балка- тегови врз нозе е сепак полесно совладлива, во споредба со нарушениот имиџ на Словенија како трансатлантски консиљиере од доверба на ЕУ и САД  во интерпретирање на Балканот, и воедно ценет и симпатизиран „ЕУ братучед” на кој Балканот секогаш можел да се потпре. Реакциите на политичката и медиумска Љубљана оставаат доволно простор за солидна верба дека тој имиџ и улога на Словенија може да се сочува, надминувајќи ја непријатноста како несреќна епизода во сепак успешен серијал, загрозен од индивидуални – а не концептуални – излети на два актера, Пахор и Јанша. Словенија е премногу битна за пристапот на ЕУ и САД кон Балканот, уште повеќе на Балканот кон Западот. Па затоа би било навистина штета за сите страни доколку се дозволи оваа несреќна афера да нанесе штета кон нивното претседавање со Унијата.

Дотолку повеќе што самата афера се (об)јавува во деликатниот интерегнум на префрлање на палката на либералната-демократија од рацете на Меркел, како нејзин чувар во времето на трампизмот, во рацете на Џо Бајден, како обновител и знаменосец на трансатлантицизмот. Острата и молневита реакција на САД во давање поддршка на БиХ, срочена и комуницирана неколку часа по објавата на скандалот, не остава простор за двоумење за позициите на Вашингтон околу прашањето на суверенитетите и интегритетите во регионот. Иако и во оваа прилика треба да се потсетиме на искрената, но задоцнета интервенција на Џејмс Бејкер за спас на СФРЈ, кога веќе знамињата беа завиорени, а трубите гласни.

Што не може да се каже и за срамната молчеливост на Мишел, Борел, Урсула фон дер Лајен, кои преферираа да се ограничат на опортуно детективско роварење по сопствените папирологии во потрага по нонпејперот. За жал, ниту Берлин не беше премногу агилен во промптноста да се осудат и во корен пресечат сите двосмислености на аферата. Индикативно, ем очекувано, официјален Париз не најде за сходно да реагира со демант на тврдењата за нејзината деструктивна „неутралност” кон можностите за промена на границите. Сместувајќи се така – со гласен молк – рамо до рамо со Јанша, Орбан, Качински, Курц, како последни трамписти на континентот. Во секој случај, за разлика од јасната дистанца на САД од авантурните проекти на Јанша, Пахор, Орбан, Качински и останатите, лидерството на ЕУ допрва ќе треба - лично, а не преку соопштенија - јасно и недвосмислено да се произнесе каде стојат по прашањата на непроменливоста на границите во регионот. Дотолку повеќе што симпатизерот на Путин од Мадрид, првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел сѐ повеќе се докажува како уште подрска, поарогантна и непристојна надградба на неговите претходници Могерини и Хан. Неговата никогаш недемантирана изјава дека „на Србија мора нешто да ѝ се даде” во спорот со Косово е, според кванташката логика на геополитички меркантилизам, не помалку скандалозна од изјавите на Пахор и пејперите на Јанша. А според неговата функционална поставеност, е и не помалку позагрижувачка.  

Селективен  молк

Аферата нон-пејпер е скандалозна според јавната и јасна конкретизацијата на идеите и предлагачите, но е далеку од тоа да биде исклучок во доминантната размисла околу регионот. Премногу настани и односи на ЕУ (па и САД) кон регионот поминуваат дискретно забележано и мистериозно премолчено. Во поранешните написи укажувавме на чудниот молк на Љубљана, Загреб, Варшава во однос на македонско-бугарскиот спор, за разлика од гласното негодување на Прага и Братислава. За подоцна таа селективна молчеливост биде колективно претопена во резолутното гласање за одбивање на амандманите со кои се осудува политиката на Софија кон Македонија.

Уште почудна е селективната молчеливост на ЕУ и земјите членки кон три-векторната агресија на Србија во регионот со помош на партнери од и надвор од Унијата и НАТО. Имено, во пристапот кон Македонија, Албанија (две земји членки на НАТО) и Косово, официјален Белград развива блиски односи и координација со Грција и Кипар. Во пристапот кон Црна Гора, повторно земја членка на НАТО, Србија се потпира на услугите на Русија. И на крај, пристапот кон Босна и Херцеговина, втемелен врз јавно обзнанетата соработка помеѓу Белград, Анкара и Москва. Притоа, сомнителниот лик во оваа три-векторна стратегија не е Белград, туку бриселскиот НАТО и номинативните земји членки и активни партнери на не-НАТО земји во саботирање, подривање и провоцирање на соседни членки на Алијансата. Што на крај неминовно го повлекува прашањето не кој е компасот на НАТО, туку кон која магнетна сила се ориентираат нејзините земји членки, посебно во нејзиното јужно крило?

Други колумни од авторот:

Приказна за две села

Европска демократура против американска стабилократија

Дипломатија и доктрина

Реакциите кај нас кон драматичните објави од Словенија и Босна се фокусираа на здружено ишкање на муви од засегнатите глави и префрлање на вината врз МНР. Со силна медиумска поткрепа на партизираните медиуми, но со тенка основа во реалноста на одговорностите. На МНР може да му се забележи молчеливоста на коментирање за случувањата, но со оглед на фактот што за разлика од директната поврзаност на Пахор со босанското претседателство, Македонија е спомната единствено во контекст на медиумски пренесувања за нашето имплицирање. Поедноставено, драмата околу нонпејперите и предлозите е водена од политички и помалку (ако воопшто) од дипломатски кругови. Впрочем, како што самите словенски политичари укажуваат, предлогот на Јанша до Брисел е упатен низ споредни, а не дипломатски канали.

Причината за таквото координирано префрлање на жешките компири врз Бујар Османи е делумно поради споделената пизма кон неговата партија, но главно со цел да се прикрие директната вклученост на СДСМ и ВМРО во разговорите со Пахор, Јанша, Орбан преку Стево Пендаровски, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Барањата отчетност од министерот Османи не можат да се сметаат за сомнителни или цинични, посебно во однос на сребата со Пахор, но секако под услов претходно да се побара јасно и јавно произнесување на Пендаровски, Заев, Мицкоски дали биле консултирани или информирани од нивните наведени соговорници? Какви им биле реакциите и зошто не ја информирале јавноста навремено? И дали игнорирањето на албанските поглавари (Ахмети, Села) и средбите со македонските поглавари укажува на дволична злоупотреба на протоколот од страна на западните државни и владини престатвници при посетите на Скопје? Верувам дека наведената тројка промптно ќе демантира дека „имало такво нешто”, но нивниот – а не на Османи – кататоничен молк однапред дава доволно причини за сомневање во кредибилноста на таквите изјави. Посебно околу разговорите на Мицкоски и Јанша во однос на „активно лобирање за државните интереси на Македонија”, како наведува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од 17 јануари годинава. Гледаме кои се плодовите на неговото „лобирање за државата”. И уште подобро го гледаме молкот на неговиот партнер Заев.  

Обзнането табу

Дотолку повеќе што темите на прекројувања на границите не се толку невообичаени или туѓи за нас, особено во однос на внатрешни прекројувања. Да се потсетиме на обидите на бардовите и медиумите блиски до македонските партии и белградските кругови да ја наметнат темата за федерализација по етнички основи, но без посакувано-очекуваната испровоцирана реакција од страна на другиот најголем етникум. Да се потсетиме и дека еден од најблиските конфиденти на Заев е еден екс-премиер кој и ден-денес не се срами да признае дека заговара поделба на земјата. Да се потсетиме и дека Мицкоски и неговото најблиско опкружување се дел од групацијата на ЕПП-ренегати кои заговараат промени на границите во регионот – вклучително и на неговата земја. И на крај, да не заборавиме дека скраја сите кавги, беснила, пиштења и колнења, токму Пендаровски, Заев и Мицкоски се политичките ликови кои сѐ уште тврдокорно одбиваат државно-политичка дебата во Собранието за спорот со Бугарија. И првите кои таа вина (преку од нив контролираните медиуми) ја префрлаат врз дипломатијата како извршен орган на нивната блокада на усогласување и изнесување на државен став кон најгорливиот проблем на нашата надворешна политика. Парадоксално, секако. Случајно, никако. Затоа, не е прашањето за кого работи службеникот Османи, туку за кого всушност одработуваат неговите „шефови” Пендаровски, Заев, Мицкоски?

Позитивистички гледано, епизодата со Јанша и Пахор е сепак класична дефиниција на тврдењето на Лорд Актон дека „секоја тајна дегенерира, ништо не е безбедно сѐ додека не се изложи на дискусија и јавност”. Љубљанската двојка сепак само обзнани табу кое долго кружи низ европските центри, ставајќи ја на увид дволичноста и цинизмот на протоколарната „определба, поддршка, загриженост”. Излитени флоскули. Балканот на солзливи деманти веќе не им верува.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач