1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија воведе тампон зона околу Фукушима 1

21 април 2011

Jапонската влада денеска (21.04) прогласи забранета зона во реонот околу хаварисаната нуклеарна централа Фукушима 1 поради високиот степен на радијација. Владата презема мерки поради ризикот по здравјето на луѓето.

https://p.dw.com/p/111lu
Реонот од дваесет километри околу Фукушима 1 е забранета зонаФотографија: AP

Премиерот на Јапонија Наото Кан, при посетата на провинцијата Фукушима, објави дека владата донела одлука за воведување строги ограничувања за пристапот до реонот од дваесет километри околу нуклеарната централа Фукушима 1. Се предвидува сите жители од тој реон да бидат евакуирани, а предвидени се и строги мерки за пристап до забранетата зона. Премиерот Наото Кан нагласи дека во иднина никој нема да смее да влезе во зоната без дозвола од државата. Според владини информации, забраната ќе стапи на сила уште вечерва (21.04). Целта е да се намали опасноста од изложување на радијација и да се спречат кражбите од празните домови.

Казни за влез во забранетата зона

Premierminister Japan Naoto Kan zum Erdbeben
Премиерот на Јапонија Наото Кан

Реонот околу Фукушима 1, кратко по хаваријата на 11 март предизвикана од разурнувачкиот земјотрес и цунамито, беше прогласен за зона на евакуирање. Меѓутоа владата немаше издадено забрана за влегување и немаше строги контроли. Еден ден по катастрофата од тој реон беа евакуирани речиси 80 илјади жители. Но, дел од жителите се враќаа за да спасат дел од личните работи.

Од утре (22.04) секој обид за влегување во забранетата зона ќе се казнува. За евакуираните жители, кои сакаат за кратко време да се вратат до домовите, ќе се организираат посебни автобуси. Во наредните недели ќе биде дозволено само еден член по семејство да се врати во напуштениот дом, најмногу два часа, за да земе некои лични работи. Притоа тие мора да носат заштитна облека и дозиметар, со кој се мери акутната радијација, изјави владиниот портпарол Јукио Едано. Дозвола за посета на домовите нема да добијат семејствата кои живееле во реонот на три километри околу Фукушима 1. При напуштањето на зоната сите ќе бидат подложени на целосна проверка.

Неодлучно справување со катастрофата

Japan Erdbeben 2011 Radioaktive Strahlung Schutzkleidung
При посетата на домовите во забранетата зона задолжителна е заштитна облека од радијацијаФотографија: picture-alliance/dpa

Шефот на владата Кан, кој е под голем притисок поради неговото неодлучно справување со катастрофата, при посетата на провинцијата Фукушима меѓу другото ќе се сретне со евакуираното население во прифатилиштата. Околу 28.000 луѓе мораа да ги напуштат домовите. При инспекцијата на повеќе илјади куќи во регионот, полицијата наиде на 60 семејства, кои се‘ уште живеат во реонот. Владиниот портпарол Јукио Едано рече дека до нив е упатено барање да ја напуштат областа, поради големиот ризик по здравјето.

Претставници на компанијата ТЕПКО, која управува со хаварисаната централа Фукушима 1, минатиот викенд (16/17.04) изјавија дека се надеваат оти во наредниот период за шест до девет месеци, ќе успеат да ги стабилизираат оштетените реактори. Но, овој план може да се спроведе само доколку „се‘ се одвива беспрекорно“, истакнува Едано.

Автор: ЈМЈ/ AT/ миа, афп, дпа

Редактор: Горан Чутаноски