1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија и Кина, опасна конфронтација во Источнокинеско Море

Мартин Фриц
21 октомври 2020

Кина ги форсира своите аспирации врз островската група Сенкаку, кои се под јапонска управа. Досега Јапонија реагираше воздржано, но најновите инциденти ги загрозуваат релативно добрите кинеско-јапонски односи.

https://p.dw.com/p/3kBK6
China Japan Taiwan Konflikt um die umstrittenen Senkaku Inseln Symbolbild
Фотографија: picture alliance/Kyodo

Два брода на кинеската крајбрежна стража, од втората недела во октомври, се задржале вкупно 57 часа и 39 минути во територијалните води околу островите Сенкаку, кои Кина ги нарекува Диаожојдау и врз кои има претензии.

Со тоа е надминат досегашниот рекорд од 39 часа и 23 минути од јули. Двата пати кинеските бродови се приближиле до рибарски брод, игнорирајќи го повикот на јапонската крајбрежна стража да ја напуштат областа. Во споредба со актуелните територијални кавги на пример со Индија, овие инциденти се чинат безначајни. Но, набљудувачите зборуваат за нов квалитет во кинеските активности во спорното подрачје, кој може да ги загрози односите меѓу Пекинг и Токио и да донесе опасност за стабилноста во Источна Азија.

„Во Источнокинеското Море се спрема бура", смета Алесио Паталано, воен експерт и шеф на Јапонската програма на Лондонскиот кралски колеџ. Од јапонското подржавување на одделни острови од архипелагот Сенкаку во 2012. година, кинески бродови постојано навлегуваат во територијалните води на Сенкаку островите и демонстрираат присуство во регионот. Но, во 2019. година Кина направи чекор натаму – кинеските бродови продреа во територијалната зона дури 1097 пати, во 282 денови, значи повеќе од било кога порано. Со подолгото задржување и интеракцијата со јапонските чамци оваа година е постигнат нов степен. „Кина започнува со активно предизвикување на јапонската управа над островите", анализира Паталано. 

Karte Senkaku-Inseln Deutsch
Фотографија: DW

Прикрадувачко преземање без војна

Според мислењето на експертот, Пекинг во Источнокинеското Море спроведува тристепена исцрпувачка стратегија. Преку веќе успеаното „нормализирање"  на кинеското присуство околу островите, по пат на ефектот на навикнување, сега следи засилување на сопствената аспирација, на пример со заканувачко приближување до јапонските рибарски бродови. Како последен чекор Кина планира целосно преземање на контролата над областа. Јапонските стручњаци овој чекор би го очекувале дури по една или две децении, но се чини целта е тој да биде спроведен уште во наредните години. „Кина сака да ја преземе управата над островите од Јапонија и истовремено се обидува, доколку е можно, да избегне оружан конфликт", вели Паталано.

Продорот во овој регион на Источнокинеското Море веројатно е израз на кинеската убеденост дека е светска сила. Јапонската влада е сосема свесна за предизвикот. Во нејзиниот најнов документ за одбраната, кинеската опасност во поглед на Сенкаку е истакната поостро од било кога досега: кинеските власти ќе продолжат безобѕирно да ја протуркуваат својата аспирација врз островите и ќе го поткопуваат постојното статус кво преку постојано интензивирање на своите поморски активности, се вели во документот, наречен „бела книга". При неговата презентација во јули тогашниот министер за одбрана Таро Коно изјави дека натамошното интензивирање на кинеските активности може да предизвика употреба на воени средства од страна на Јапонија.

Меѓусебно одмерување на позициите

Во најновото заострување веројатно улога игра и промената на премиерот во Јапонија. Новиот јапонски премиер Јошихиде Суга, кој дојде на местото на Шинзо Абе, во својот прв телефонски разговор со кинескиот претседател Ши Џинпинг на 25. септември директно ја наметнал темата за ситуацијата во Источното Кинеско Море. Само една недела подоцна кинеската влада по пат на „дигитален музеј" ја потврди својата намера да ги преземе островите. Две недели потоа следеше досега најдолгото задржување на кинеските бродови во територијалните води на Сенкаку островите. Досегашната единствена реакција на Јапонија е најавата за точно премерување на островската група со помош на сателитски податоци.

Повеќе:

Кина игра ризична игра во Источнокинеското Море?Обама одлучно на страната на Јапонија

Кина им се заканува на САД и на Јапонија

Кинеско-јапонски спор околу ненаселен архипелаг

Кинеската постапка може да се толкува како тест за новата јапонска влада. „Ова е не толку ризичен пат за Кина да види како ќе реагира Суга", смета Мајкл Мекартур од Факултетот за азиско-пацифички студии. Уште не може да се предвиди дали Суга со Кина ќе се однесува исто како и неговиот претходник Абе. Трите принципи на Абе во односите кон Кина Метју Гудман од Американскиот центар за стратешки и интернационални истражувања ги опишува како „меѓусебна соработка до каде е можно, сопствено обезбедување ако е неопходно, и следење на регионалната и глобална регулатива".

Меѓутоа, можно е Кина да одговора на јапонски тест. Зашто, наместо Суга да се задржи на прв пријателски контакт со Ши, тој директно ја тематизирал напнатата ситуација со Сенкаку, како и кинескиот безбедносен закон за Хонгконг. Минатата недела Јапонија беше домаќин на четирилатералниот безбедносен дијалог со САД, Индија и Австралија кој под мотото „слободен и отворен Индо-Пацифик" цели против кинескиот стремеж за доминација врз водните патишта во Азија. Со истата ориентација беше и првата странска посета на Суга оваа недела во Виетнам и Индонезија.

Мрачни перспективи

Зајакнувањето на фронтовите во Источнокинеското Море има глобално значење, зашто Јапонија судирот околу островите Сенкаку го смета за сојузнички случај и притоа се потпира на воена поддршка од САД. Вашингтон од своја страна во повеќе наврати најави подготвеност да ги брани островите од кинеска интервенција. Од овој аспект, Центарот за нова американска безбедност во Вашингтон пред три месеци објави кризно сценарио за Источнокинеското Море. „Во игра се многу нешта", изјави Сузан Блум, шефица на одбранбената програма. „Кој и да победи во ова одмерување на силите, има потенцијал да изврши решавачко влијание врз регионот на Азија и Пацификот во следната декада."

Во виртуелната симулација наречена „Смртоносна игра: Источнокинеското Море 2030", 50 кинески војници окупираат еден единствен остров од архипелагот Сенкаку и прогласуваат зона од 50 милји. Кина стационира разурнувачи, подморници, дронови и авиони на островот и ги става во состојба на готовност ракетите со среден дострел на копно. На тоа Јапонија реагира со формирање инвазирачка флота. Два американски разорувачи, како и подморници и авиони-бомбардери итаат под команда да го исполнат својот одбранбен налог во полза на Јапонија, без да дојде до воен судир. Околу 400 соработници се усогласуваат околу можни стратегии како сајбер-напади. Но, на крајот виртуелната  борба за превласт ескалира во жестока воена битка, во која Кина го задржува окупираниот остров без оглед на тешките загуби.