1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија остана без атомска енергија

ЕМФ/дв/афп5 мај 2012

Јапонија со децении играше на картата на атомската енергија. Сега државата треба да остане без ваква енергија цели 70 дена. Денеска е исклучен последниот реактор поради сервисирање.

https://p.dw.com/p/14qZf
Фотографија: AP

Запирањето на производството на атомска енергија е со цел да се изврши контрола на централата Томари, на островот Хокаидо, која беше и единствената атомска централа што работеше по земјотресот и цунамито што се случија минатата година.

Јапонија, која е трета по големина индустриска нација во светот, располага со над 50 реактори. До катастрофата во март 2011 година, речиси една третина од нејзината енергија доаѓаше од атомските централи. По катастрофата во Фукушима, која беше најголема нуклеарна катастрофа по Чернобил, сите атомски реактори, освен Томари, беа исклучени. Во Јапонија, поради огромната радиактивност по катастрофата во Фукушима, расте негативниот став кон атомската енергија.

Ниту еден од реакторите, кои по несреќата беа исклучени за да им се изврши контрола, во меѓувреме веќе не беше повторно ставен во употреба. Владата на премиерот Јошихико Нода во април даде зелено светло за повторна работа на два реактора во Ои, но властите мораат да ги убедат и жителите во регионот да се согласат со овој чекор. Од несреќата минатата година, имено, правилата се заострени и сега атомските централи треба да го минат не само стрес-тестот од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија, туку треба да ја имаат и согласноста на локалното население за работа.

Инаку денеска (05.05) во Токио илјадници луѓе на неколку протестни собири бараа дефинитивно напшуштање на атомската енергија.