1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310809 Japan Parlamentswahlen

31 август 2009

Јапонските избирачи ја казнија досегашната владејачка партија во земјата - ЛДП загуби 181 мандат и во долниот дом на парламентот, сега, има само 119 пратеници. Демократската партија, пак, освои 308 пратенички места.

https://p.dw.com/p/JLz0
Јукио Хатојама (ДПЈ), иден премиер на ЈапонијаФотографија: AP

„Со задоволство ја прифаќам одлуката на граѓаните кои конечно сакаат нова влада која ќе ги подобри условите за живеење.“

Приврзаниците на Демократската партија на Јапонија (ДПЈ) одушевено ги слават нивните нови пратеници. ДПЈ освои 308 од вкупно 480 места во долниот дом на парламентот. Либерално-демократската партија (ЛДП) која досега владееше во Јапонија, во иднина ќе има само 119 пратеници во парламентот. Многу од нејзините врвни претставници се казнети од страна на јапонските избирачи. Досегашниот премиер, Таро Асо, релативно рано го призна поразот: „Мора да преземам одговорност за овој пораз. Исходот од изборите е многу отрезнувачки.“

Taro Aso Wahlkampagne Wahl Unterhaus Japan LDP Liberale Demokratische Partei
Таро Асо го призна поразот уште во текот на ноќтаФотографија: AP

Таро Асо, уште во текот на ноќта, најави повлекување од фунцијата претседател на Либерално-демократската партија. ЛДП на власт беше непрекинато цели 54 години. Таа допрва ќе мора да се навикнува на улогата на опозиција и под знак прашање е дали на новиот партиски лидер ќе му успее да ги одржи „во живот“ преостанатите сили на ЛДП.

Победниците се воздржани

Новата партија на власт, ДПЈ, веќе се подготвува за преземање на власта. Но, и покрај неприкосновената победа, лидерот на партијата Јукио Хатојама е воздржан: „Првпат во историјата, јапонскиот народ спроведе вистинска промена и храбро избра нова влада. Како претседател на Демократската партија сакам да се заблагодарам. Сега почнуваме со работа. Но, ова не е само победа на Демократската партија, туку на луѓето кои мораа да страдаат живеејќи во тешки услови. Затоа, со скромност ја прифаќаме задачата и ќе ги спроведуваме нашите политички мерки во духот на народот и со почит кон луѓето.“

Yukio Hatoyama Opposition Japan
Хатојама ќе се фокусира на финансиите во земјатаФотографија: AP

Затоа, Хатојама, откако ќе биде избран за премиер на вонредна седница што ќе се одржи на средината или на крајот на септември, има намера да се фокусира на финансиите. Со нова структура би требало да биде скршена моќта на бирократите во министерствата и да биде проширен просторот за дејствување на политичарите. Ваквиот нов систем би требало да биде тестиран во текот на наредните преговори за буџетот.

Автор: Петер Кујат / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска