1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасеновац - политичка арена на полињата на смртта

Синиша Богдановиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска29 август 2012

Во Хрватска и регионот се води дебата околу логорот Јасеновац и обидите за манипулација со фактите околу него. Историчарите велат дека за да им се оддаде почит на жртвите, треба прво да се утврди нивниот број и идентитет

https://p.dw.com/p/15zL4
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Јасеновац бил само работен транзитен логор, а не поле на систематско уништување. Во него немало масовни убиства. Усташкиот поздрав ’За дом спремни’ (во превод За татковината подготвени н.з.) е само израз на христијанство и патриотизам.“

Овие реченици се кратката содржина на разговорот со историчарот и раководител на Надбискупскиот архив во Загреб Стјепан Разум којшто го објави еден малку читан хрватски неделник. И додека Загрепската надбискупија се‘ уште не се огласила по повод интервјуто кое го возбуди регионот, еврејската организација Маргелов институт бара прогон за свештеникот Разум. Истовремено, остра осуда стигна и од кабинетот на хрватскиот претседател. „Јасеновац е симбол на злото кое никој во цивилизираниот свет, па ни во Хрватска, не би смеел да го игнорира“, порача Иво Јосиповиќ. Се оградуваат и хрватските историчари.

Најмачна училишна екскурзија

Логорот Јасеновац е болна точка на хрватската историја за која нерадо се зборува, место на масовни страдања за сите оние кои биле пречка на фашистичкиот усташки режим од 1941 до 1945 година. Подрачјето на Лоњско поле, на кое некогаш се наоѓале бараките на смртта, во 1968 година е прогласено за спомен-подрачје. Но, наместо Јасеновац да се претвори во место на катарза и комеморација на жртвите, тој е претворен во инструмент за наметнување на колективна вина, поле на политички пресметки и разгорување национални страсти.

Генерациите кои во 1970-тите и 1980-тите биле во основно училиште и денес ги паметат задолжителните екскурзии во спомен-подрачјето, кадешто морале да ги разгледуваат оружјата за убивање, но и филмски снимки од егзекуција на деца, старци и жени, поради што многу од децата паѓаа во бессознание.

Verurteilter kroatischer KZ-Kommandant Dinko Sakic
Командантот на логорот Јасеновац Динко Шакиќ умре во затворската болница Реметинец во Загреб во 2008 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

За историчарот Давор Маријан од Хрватскиот институт за историја, Јасеновац несомнено е место на злосторство кое никој релевантен во Хрватска не го оспорува. Но, освен тој факт, Јасеновац претставува и систематска манипулација. „Практично за време на целото постоење на комунистичка Југославија се манипулираше со бројот на жртвите. Тоа во осумдесетите години ги мина сите граници и на некој начин стана детонатор на српскиот национализам кој доведе до крвав распад на Југославија“, тврди стручњакот за воена историја на Хрватска и Југославија во 20-от век.

Имено, некои автори тогаш изнесоа податоци дека во логорот се убиени дури 1,2 милиони Срби, Евреи, Роми, но и Хрвати. Тој број, меѓутоа, според достапните податоци, е сведена на рамки на, се‘ уште застрашувачки, 80.000.

Игра со големи бројки

„Игрите со бројки секогаш се контрапродуктивни. Иако денес немаме точни податоци за размерите на злосторството во Јасеновац, јасно е дека се се работи за огромни бројки кои одговараат на цели градови. За жал, од аспект на историографската струка, се плашам дека оние историчари кои денес зборуваат за Јасеновац, со него воопшто не се занимаваат стручно. Медиумите ги бираат меѓу нив оние кои идеолошки им одговараат и на тој начин имаме постојана непотребна политизација и нанесување штета на јавноста и струката“, објаснува Маријан, за кого објективноста на историчарот е обратно пропорционална со неговата присутност во медиумите.

Gedenken an die Befreiung des kroatischen KZ's
Фотографија: picture-alliance/dpa

Стручњакот за култура на сеќавање, историчарот д-р Вјеран Павлаковиќ од Филозофскиот факултет во Риека, вели дека во бившата држава Јасеновац бил репрезент на сите логори на таа територија, така што останатите, како Јадовно или Старо сајмиште во Белград, паднале во заборав или не се толку длабоко врежани во колективното сеќавање. Сепак, и тој се согласува дека жртвите во Јасеновац во 1980-тите години се инструментализирани за да станат оправдување за српскиот екстремизам и нов циклус на насилство. За манипулациите и наметнување колективна вина сведочи и наводната документација која во облик на фотографии и филмови им била прикажувана на посетителите на Јасеновац, особено на учениците. Во меѓувреме е докажано дека дел од тие материјали потекнуваат всушност од германските концентрациони логори.

Затоа и не чуди што хрватските граѓани, па и историчарите, нерадо зборуваат за Јасеновац, за кого во изминатите години се зборуваше исклучиво низ бројки, без индивидуални човечки судбини. „Во борбата околу бројките се загуби можноста за емоционална поврзаност со жртвите. Постоеше обид тоа да се исправи преку постајаната поставка на меморијалниот музеј, но таа отиде во друга крајност од којашто не може да се прочита контекстот, не се гледа што навистина била Независна Држава Хрватска и кои биле усташите. Никако да се пронајде вистински баланс“, предупредува Павлаковиќ.

Jasenovac-Gedenkstein
Фотографија: DW

За конечно да им се оддаде должна почит на невините жртви во Јасеновац прво треба да се утврди кои биле тие навистина и колку луѓе се убиени во усташкиот логор на Лоњско поле, смета историчарот Давор Маријан. „Тоа е проект кој мора заедно да го реализираат Белград, Загреб и Сараево, затоа што архивите се распрскани, а најголем дел од документите сепак се во Србија. Но и за тоа е потребна политичка одлука. Тоа би било најчесно кон жртвите. Треба да се утврди кој влегол во логорот, кој од него бил префрлен во Германија, кој се спасил и кој во него е убиен. Сепак, мнозинството луѓе кои таму биле убиени се убиени поради погрешно име, презиме и вера. Но, се чини дека за тоа и натаму нема интерес, зашто кога приказната ќе се затвори, тогаш се намалува можноста за манипулирање со нејзе“, заклучува Маријан.