1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасер Арафат почина

11 ноември 2004

Палестинскиот претседател Јасер Арафат почина утрово,Палестинците се во жалост,Израел ја поздрави веста. Погребната церемонија ќе биде утре во Египет,а погребот во Рамала.

https://p.dw.com/p/AcJu
Фотографија: AP

Веста за смртта на Арафат најпрво беше соопштена во Рамалах,од министерот Саеб Ерекет,а потврдена во Париз:

"Јасер Арафат,претседателот на палестинската влада,почина утрово во 3.30 часот.”

Рано утрово потврди и францускиот генерал доктор Кристијан Естрипо,единствениот задолжен за давање информации од болницата Перси во Париз во која Арафат беше пренесен на лекување и една недела беше во кома.

Илјадници Палестинци по соопштението за смртта на нивниот претседател се на улиците во градовите и бегалските логори за да ја искажат жалоста,многумина плачат.Пред неговиот штаб во Рамала поминуваат автомобили со црни знамиња,додека на радиото се читаат молитви од Коранот и некои од најпознатите цитати на Арафат.

Раководството на Палестинците прогласи 40 дневна жалост.Една недела ќе замре целиот јавен живот,објави Јасир Абед Рабо,член на Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација.

Утре ќе биде организирана погребната церемонија во Каиро,пред Арафат да биде погребан во подрачјето на неговиот главен штаб во Рамала.Палестинските претставници тоа го означија како привремена мерка поради неможноста да ја исполнат желбата на Арафат да почива во Ерусалим,што Израелците изричито го отфрлија.

Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација утрово заседава на тема-натамошни чекори по смртта на претседателот Јасер Арафат.Ова тело треба да го осигури континуитетот на власта,изјави Саеб Еерекат за Агенцијата Франс Прес.Според палестинските закони,нови избори треба да бидат одржани во рок од 60 дена по смртта на претседателот.Преодната претседателска функција ја презема во меѓувреме претседателот на Парламентот.За фаворити за наследник на Арафат важат екс премиерот Махмуд Абас,премиерот Ахмед Кореи,поранешниот шеф на безбедноста Мохамед Далан и досегашниот советник за безбедност Џибрил Раџуб.

Радикалните Ал Акаса бригади го обвинија Израел за смртта на палестинскиот претседател Јасер Арафат и повикаа на напади во земјата.Тие го обвинуваат Ерусалим што три години го држеше Арафат во домашен притвор во Рамала.

Израелската армија веднаш по веста за смртта на Арафат стравувајќи од напади изврши целосна блокада на Западниот брег.Ниту Палестинците кои работат во Израел од денеска не можат да патуваат таму.Газа беше целосно изолирана уште претходно.

Израел инаку официјално ја поздрави веста за смртта на Арафат.Израелскиот министер за правда Тони Лапид изјави:"Арафат не беше само шеф на антиизраелскиот тероризам,туку и производител на тероризмот кој го потресува светот,крајно и Ал Каеда.Целиот овој тероризам потекнува од Арафат,и добро е што светот се ослободи од него",изјави Лапид.