1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасни услови за Гадафи

15 април 2011

Средбата на министрите за надворешни работи на НАТО продолжува со денешната дискусија околу анти-ракетниот штит во Европа. Вчера, пак, беше манифестирано единство во поглед на ангажманот во Либија.

https://p.dw.com/p/10tpz
Фотографија: dapd

За првпат од почетокот на воениот ангажман во Либија, министрите на Алијансата му поставија конкретни услови на либискиот претседател Моамер ел Гадафи. Тој треба да претстане со нападите врз цивили, треба да ги повлече војниците во касарните и да овозможи непречен пристап на населението до хуманитарните пратки, што му се неопходни.

За разлика од манифестираното единство и решителност нанадвор, на средбата во Берлин вчера имаше големи расправии околу иднината на воениот ангажман во Либија. Дури и после сите дебати остана отворено прашањето дали треба да се интензивираат воените дејства против силите лојални на Гадафи, како што тоа го бараат Франција и Велика Британија, или не. Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен во Берлин им се спротистави на критиките во јавноста околу воениот ангажман во Либија. Тој порача дека Алијансата ќе продолжи со интензивните акции се` додека не бидат исполнети условите, што таа ги постави. „Нема да седиме со скрстени раце и да гледаме како дискредитираниот режим на Гадафи го напаѓа сопствениот народ со гранати, тенкови и снајперисти“, порача Расмусен.

NATO Treffen 2011 Deutschland Berlin Flash-Galerie
Останува отворено прашањето околу интензивирањето на нападите против ГадафиФотографија: AP

Пријателството меѓу Германија и Франција - појако од несогласувањата

Канцеларката Ангела Меркел ги демантира информациите дека НАТО е поделено околу ангажманот во Либија. Со резолуцијата на ОН меѓународната заедница покажа решителност да и` се спротистави на војната што Гадафи ја води против сопствениот народ. „Резолуцијата е и понатаму на сила, меѓународната заедница е обединета“, нагласи Меркел.

Единство манифестираа и домаќинот на средбата во Берлин, германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и неговиот француски колега Алан Жипе. „Германско-француските односи се толку блиски и толку пријателски, што не сметам дека треба да се прави голема драма, ако имаме различни ставови по некое прашање“. И Жипе потврди дека меѓусебната доверба не е нарушена, иако ставовите на двете влади околу ангажманот во Либија се различни. Додека Париз е еден од клучните заговорници на воениот ангажман против Гадафи, Германија е воздржана и нуди само воена поддршка за хуманитарните конвои за либиското население.

Автор: ГЧ/ТТ/афп, дпа

Редактор: Трајче Тосев