1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јахјага: Северот мора да се интегрира во Косово

Марина Максимовиќ / Симе Недевски19 јули 2012

Претседателот на Србија Томислав Николиќ и мандатарот Ивица Дачиќ се подготвени за дијалог со Косово - и за политички прашања. И Приштина е подготвена да разговара, но независноста не смее да се доведува во прашање.

https://p.dw.com/p/15al7
Фотографија: dapd

„Не постојат идеи за специјален статус или автономија за северот на Косово. Решението лежи во интеграцијата на северниот дел во косовските институции“, изјави претседателката на Косово Атифете Јахјага во Брисел, избегнувајќи директно да одговори на прашањето - дали северно Косово ќе биде тема на дијалогот меѓу Белград и Приштина? Јахјага имено најави оти е подготвена да разговара со српскиот претседател Томислав Николиќ, но само како претседателка на Република Косово.

Од друга страна, српските претставници амбициозно најавија подигање на дијалогот на повисоко, политичко ниво. На прашањето зошто официјална Приштина би се согласила да разговара за политичките прашања кога е јасно дека има подобри карти во рацете, односно дека Косово де факто не е зависно од Белград, мандатарот за состав на идната српска влада Ивица Дачиќ изјави дека тоа е „желба на меѓународната заедница“.

Interview Ivica Dacic Innenminister Serbien
Мандатарот за состав на идната српска влада Ивица ДачиќФотографија: DW

„Сигурно дека секоја страна во дијалогот би имала сопствено гледиште, но важно е дијалогот да се води и силата да се исфрли од употреба во нашите меѓусебни односи“, рече Дачиќ минатата недела во интервју за ДВ.

ЕУ повикува на добрососедски односи

И претседателката на Косово смета дека дијалогот е единствениот пат до стабилност: „Очекуваме од Србија да воспостави и да ги нормализира односите со Косово. Тоа е во интерес на нашите две земји и на нашите граѓани. Тоа би бил фактор на стабилност и мир, кој би имал директно влијание на укинувањето на паралелните структури, како и на ставањето крај на криминалните структури во три општини во северно Косово“, рече Јахјага по средбата со европските претставници во Брисел.

Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо очекува сите прашања што се однесуваат на иднината на регионот да се решаваат во духот на добрососедските односи. „Тоа го баравме и од претседателот на Србија, Томислав Николиќ, и тоа не само во изјавите за медиумите, туку и во конструктивниот и отворен рзговор што го водев со него. Истото го очекуваме и од косовската страна“, изјави Барозо и ја поздрави како што рече приврзаноста на Јахјага и на Косово на принципот на добрососедски односи, како и косовската иницијатива да се ангажира за прашањето на заедниците на северот на Косово. „Духот на овој ангажман е единствениот пат кон стабилност на Косово, а и перспективите за членство во ЕУ за Србија и за Косово лежат токму во ваквиот вид на разбирање“, заклучи претседателот на Европската Комисија.

Jose Barrosso EU Kommission Straßburg Frankreich
Претседателот на Европската комисија , Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Во Брисел велат дека ЕУ и Косово во 2012. направиле важни чекори во меѓусебните односи, но и натаму се инсистира на реформи во областа на владеењето на правото, јавната администрација, изборниот процес и правата на малцинствата. Косово, како што кажа Јахјага, се подготвува од септември, кога формално престанува надгледуваната независност, да ги спроведе сите потребни реформи со кои би се обезбедиле сите права и слободи на заедниците кога странува збор за нивното културно, религиозно и историско наследство и демократскиот процес воопшто.