1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ја заслужуваат ли македонските пратеници својата плата?

Горан Петрески28 февруари 2007

Како пратениците во македонскиот парламент си ја извршуваат работата, ја заслужуваат ли платата, ја оправдуваат ли довербата на избирачите? Граѓанската асоцијација Мост почна проект што треба да одговори на некои од овие прашања. Анализирана е работата на парламентот од актуелниот состав, од август лани до јануари годинава. Во тој период дури 13 пратеници не изустиле ниту збор на собраниските седници.

https://p.dw.com/p/AdZA
Фотографија: aptn

Дел од споменатите пратеници во извештајот на Мост, за Дојче Веле објаснуваат како ја доживуваат функцијата.

Пратеничката Роза Топузова вели дека мандатот го чуствува како обврска пред граѓаните: “Една од основните должности на пратениците е да ги следат законите и секако да интервенираат со дискусии по тој закон, се со цел да го подобрат квалитетот на законот. Исто така е многу важно да го слушаме гласот на народот и да ја оправдаме нивната доверба. Луѓето од нас сакаат активност во парламентот и за тоа не избрале. “

Пратеникот Есад Рахиќ е самокритичен, иако во истражувањето на Мост е споменат како еден од поактивните пратеници:

“Јас лично не се чувствувам исполнет, иако секој ден сум во парламентот. Можеби не сум во салата, но сум горе во кабинетот. Сметам дека во најголем дел, ние пратениците, заради една одредена динамика која што ја форсира парламентарното мнозинство не ја заслужуваме сосема платата што ја земаме.“

Пратеникот Ружди Матоши е искрен. Вели дека сега редовно доаѓал на работа за разлика од порано кога бил во опозиција. На прашањето кога отсуствува од седниците, одговара: “Во овој мандат никогаш. Во претходниот бев во опозиција и имаше седници на кои не присуствував.“

Претседателот на парламентот, Љубиша Георгиевски, нема намера да ги дисциплинира неодговорните пратеници. Вели дека тие самите треба да направат баланс: “Не може човек кој е избраник на народот сега да биде третиран како некој службенбик кој е сега вработен, па да го прашувате – зошто дојдовте во 09:10 часот, а не во 08:55 часот, па да го казнувате и.т.н Такви работи не се соодветни на еден парламент. Но, исто така не е соодветно некој да не доаѓа со месеци, па и со години, а да прима плата. Тоа не само што не е соодветно, туку е абнормално. “

Во граѓанската асоцијација Мост велат дека ова истражување чии резултати се објавени во публикацијата “Мојот пратеник“ треба да им помогне на граѓаните да увидат дали го направиле вистинскиот избор.