1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јелцин – борец за слобода и демократија

24 април 2007

Водечки политичари од целиот свет му оддаваат почит на поранешниот руски претседател Борис Јелцин како на голем државник

https://p.dw.com/p/Adrl
Фотографија: AP Graphics

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја истакна решавачката улога на Јелцин “за спроведување политички и економски реформи во Русија, како и за приближувањето на Истокот и Западот”.

Американскиот претседател Џорџ Буш го означи Јелцин како “историска фигура”. Тој и’ служеше на својата земја во еден значаен период на пресврт, ги пренесе зборовите на Буш владиниот портпарол Дана Перино.

Германскиот сојузен претседател Хорст Келер го нагласи ангажманот на Јелцин за демократијата во Русија, а со тоа и за подобар и помирен свет. Канцеларот Ангела Меркел рече: “Борис Јелцин беше вистински борец за слобода и демократија, за нова ориентација на Русија, и посебно близок пријател на Германија”.

И поранешниот германски канцелар Хелмут Кол го истакна тој момент: “Тој беше верен пријател и пријател од доверба за Германците. Го одржуваше дадениот збор и никогаш не остави да се почувствува каква тешка заедничка историја имавме ние, советските Руси и Германците”. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер истакна дека Јелцин го насочи погледот кон Европа и Русија ја отвори за светот.

Британскиот премиер Тони Блер зборуваше за решавачката улога на Јелцин во извонредно важно време на историјата на Русија. За францускиот претседател Жак Ширак тој беше човек “кој со својата смелост, тврдокорност и политички резон придонесе да триумфира слободата”. “Ни остана во сеќавање кога му се спротивстави на државниот удар” – рече претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо.

Во Русија има и пофалби и критики, оти времето помеѓу 1991-ва и 99-та, во кое тој беше на чело на земјата, на многу луѓе им остана во сеќавање како време на хаос, сиромаштија и грабеж при преминот во капитализам. Актуелниот претседател Владимир Путин рече дека дејноста на Јелцин може различно да се оцени, но едно е недвосмислено: “Токму во времето во кое Борис Јелцин ја водеше нашата држава, граѓаните го добија најважното – слободата. Тоа е огромната историска заслуга на Борис Јелцин”.

Егор Гајдар, руски премиер во ерата на Јелцин, истакна дека тој успеал да го менаџира распаѓањето на Советскиот сојуз без крвопролевање. Последниот претседател на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов рече дека Јелцин и’ направил големи услуги на земјата, но направил и големи грешки.