1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јоана Попоска – седумпати „Актер на Европа“

29 јули 2010

Јоана Попоска одбележува 50 години од првото застанување на сцена. Куп награди, слава и разочараност по протерувањето од матичната сцена во Битола. Таа не се предава- глуми и седумпати е „Актер на Европа.“

https://p.dw.com/p/OXK9
Јоана Попоска на сценатаФотографија: DW

Од дете на сцената на стариот Битолски театар. Јоана е доајен на македонското глумиште. Во својата богата кариера одиграла над 300 ролји со над 3000 изведби. Со горчна во ранливата актерска душа го дочека јубилејот: „Со многу мачнина во душата ги дочекав тие 50 години на сцената. По еден таков успех, по толку години жртви на таа сцена на штиците каде половина живот ми отиде, на се’ она што и денеска активно го правам. Знаете не може да дочекате 50 години а никој да не ви рече – ’Ви благодариме што дадовте се’ од себе’, што за оваа мала државичка и мојот град направивте нешто и ја збогативте нашата историја.“

Се почна со „Свадбата на Мара“ на МЕС во Сараево

Joana Poposka
Попоска пред микрофонот на Дојче ВелеФотографија: DW

Јоана Попоска е симбол, метафора, идеја Кога ќе помислам на неа секогаш пред очите како блесоци ми излегуваат нејзините креации на сцената на стариот Битолски театар. Гордата реплика на Цвета: „Умрев ама Турчинка не станав“, крикот на младата девојка во „Јелена Четковиќ“ на крајот од вториот чин кога и ја гаснат цигарата од раката, Антигона кога пати и го советува Орест како да го одмазди татко им Агамемнон. Помнам како на десет годишна возараст се криев во ложите на стариот театар за да ги следам пробите на „Свадбата на Мара“ кога Јоана како Мара плачеше за нејзиниот љубен“, ќе рече актерот Ѓорѓи Јолески на чија лична покана како селектор - Попоска настапи на јубилејното Охридско лето.

Всушност се’ почна од фестивалот МЕС во Сараево со „Свадбата на Мара“ „Таму каде што Мира Ступица беше претседател и беше пресудно она нејзино воодушевување дека во еден мал град, во еден мал театар постои нешто големо. Станав прва дама на МЕС, за две недели и прва дама на ’Стеријното позорје’ во Нови Сад во една голема конкуренција на Шербеџија, Ана Кариќ, Светлана Бојковиќ. Оттука се отворија вратите на театарот и одеше се’ нагоре и нагоре.“

Со Велика од „Пиреј“- Јоана симбол на македонската жена

Публиката ја памети и по улогите Велика и Варвара во делата на Петре М. Андреески „Пиреј “ и „Последните селани“.

Joana Poposka
Сцена од монодрамата „Љубов моја“- авторки проект со кој Попоска настапи на Охридско летоФотографија: DW

Сите улоги одиграни во Македонскиот народен театар и се’ бисер до бисер за критиката неизбришан да остане чинот на љубовните погледи помеѓу Ристо Шишков како Иванов и Јоана како неговата љубена. Јоана се пензионира и се враќа пак во својот театар во Битола и го држи репертоарот. Така се’ до последната смена на управата во театарот. Таа буквално е набркана. Но не го напушта актерството и упорно игра и собира награди: „Во последните три години пред да бидам од театарот надвор трипати бев прогласена за ’Актер на Европа’ во Албанија, Македонија и Украина. Годинава уште трипати со ’Гран при’ во Косово и Албанија со тоа што седмо мое прогласување за ’Актер на Европа’ се случи во Отешево на последниот фестивал на монодрама добив животно дело ’Актер на Европа’“.

По долга кариера и грст награди Јоана смета дека е на маргините

Нејзината страст за театар не запира се’ уште игра со сета енергија и љубов и нежали што е актер: „Иако постојано се проколнувам, кога, како, зошто ? Но никогаш не реков – зошто станав актер?“

Згрешив што не ги прифатив понудите кои порано доаѓаа од други држави да останам, кога можев да останам. Барем во Русија да бев, па ќе бев еден лауреат, па барем народен актер... Јас кубурам некаде на маргините. Ја преставувам Македонија, а никој од Македонија не стои зад мене. Тоа е најжалното што ми се случува“, ни рече Попоска.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска