1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јоахим Гаук - вистински претседател во вистинско време

Александер Кудашеф
17 март 2017

Претседателот во заминување Јоахим Гаук некогаш беше свештеник кој живееше во тоталитарна држава. Неговото минато секогаш остана дел од него, и тоа имаше извонредно влијание врз него, смета Александар Кудашеф.

https://p.dw.com/p/2ZMo6
Österreichs Bundespräsident Van der Bellen bei Gauck
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler

Јоахим Гаук беше германски претседател пар екселанс. По мандатите на несреќните претходници, Хорст Келер и Кристијан Вулф, тој ѝ го врати авторитетот на претседателската функција. Неговиот авторитет се базираше врз јачината на зборовите. Гаук држеше инспиративни и емотивни говори. Се обидуваше јасно да им стави до знаење на Германците каква улога мора да играат во светот, како се гледа кон нив, и што се очекува од нив.

Проповедникот

Поранешниот свештеник нема да се навреди доколку забележиме дека неговите говори честопати беа проповеди и охрабрувања - зборови од замислената говорница. Многу емоционалниот и неверојатно сентиментален Гаук честопати дозволуваше да биде понесен од сопствените чувства. Тоа не ги радуваше сите, но на неговата функција и даваше човечки лик.

Тоа и го направи извонреден претседател. Тој е човек на зборот, човек кој ги споделува своите чувства, човек кој ги инспирира граѓаните. Но тој е исто човек кој се осврнуваше и на тешките прашања и покажа дека има 'рбет. Демонстративно одби да присуствува на Зимските олимписки игри во рускиот Сочи. Јасно беше дека тоа беше протест против руската експанзионистичка политика. Предизвика дипломатски скандал кога го нарече масакрот врз Ерменците во Турција геноцид. Неговиот став беше јасен кога го прими турскиот бегалец Џан Дундар и кога го поддржа Дениз Јуџел, германскиот новинар во притвор во Турција.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александар Кудашеф

Во текот на неговото претседателство, зборот беше силна страна на Гаук, човек со јасни гестови и вокален демократ, дури и во натпартиската претседателска функција. Беше посветен, а некогаш дури покажуваше и бес. Беше храбар човек кој им се спротивстави на расистичките маси во источна Германија и не се повлече дури ни кога работите стануваа непријатни. Гаук живееше со вредностите на германската република, бранејќи ја демократијата и неповредливоста на човечкото достоинство. Неговото непопустливо демократско однесување беше непоткупливо - нешто што е резултат и на неговиот живот во тоталитарната држава на Источна Германија.

Невообичаен граѓанин

Гаук беше претседател во вистинско време. Тој беше човек кој ги наоѓаше вистинските зборови и сигнали во вистински момент, а во истовреме беше и старомоден претседател чии крајности сепак не беа префинети до непрепознатливост. Тој одлучи да не се кандидира за втор мандат поради својата старост. Мнозинството Германци ќе сакаа да го видат уште четири години во замокот Белви, претседателската резиденција. Гаук сфати дека веќе нема сила и за тоа треба да му се заблагодариме. Тој ја стави претседателската функција над себе.